Цените за летување во Грција и оваа година се една од главните теми меѓу туристите од регионот, а како и обично, особено внимание привлекуваат трошоците за изнајмување лежалки во популарните туристички места.
Во Торони на Ситонија, цените значително варираат, па ден поминат на плажа може да чини од 10 до дури 50 евра, во зависност од локалот и позицијата покрај морето.
Според информациите што туристите ги споделиле на социјалните мрежи, а кои ги објави и страницата Nikana.gr, понудата во Торони е разновидна. Во еден бар на плажа, сет од лежалки и чадор чини 10 евра, но пијалаците се наплаќаат дополнително.
Од друга страна, во соседен локал за користење на лежалките потребно е да се направи минимална сметка од 50 евра за храна и пијалаци.
Некои барови ги формирале цените според оддалеченоста од морето. Така, во еден од нив сет лежалки во првиот ред чини 16 евра, додека за останатите редови цената е 14 евра, во која се вклучени и два пијалака.
За оние кои бараат поексклузивна понуда, постојат и ресторани покрај плажа кои нудат лежалки со задолжителна минимална потрошувачка. Во текот на јуни таа изнесува 20 евра, додека во екот на сезоната, во јули и август, ќе достигне 30 евра.
Во понудата има и варијанта каде што сет лежалки во првиот ред чини 30 евра по лице, а во останатите редови 20 евра по лице, при што пијалаците се наплаќаат дополнително. Гостите на хотелот во чиј состав се наоѓа барот имаат поповолни услови и не плаќаат за лежалки, туку треба само да нарачаат пијалак.








