Адвокатката и поранешна обвинителка Лејла Кадриу реагираше по оставката на обвинителката Ленче Ристоска, оценувајќи дека ваквиот потег не претставува принципиелен чин, туку „бегство од одговорност“.
Во својата реакција, Кадриу посочува дека наместо одговори на поставените прашања, јавноста добива оставка, оставајќи дилема за вистинските причини зад ваквиот чекор.
„По мојот настап – наместо одговори, добиваме оставка. Не како одговорност, туку како бегство од одговорност. Кога аргументите недостасуваат – тајмингот станува најсилно оружје“, напиша Кадриу.
Таа нагласува дека би поверувала во принципиелност доколку оставката била поднесена во периодот кога, како што вели, се случувало предавањето на незаконски прислушкуваните материјали и кога, според неа, „државата се рушела од темел“.
„Да го направеше овој потег тогаш, ќе ѝ поверував дека има принципи. Кога вистината почнува да боли, оставката станува најлесен одговор“, додава Кадриу.
Нејзината реакција доаѓа по нејзиното претходно јавно гостување, во кое изнесе тврдења дека СДСМ имале влијание врз работата на поранешното Специјално јавно обвинителство, по што дел од обвинителите најавија тужби.
Оставката на Ристоска следуваше откако таа соопшти дека повеќе не постојат услови за независно и принципиелно извршување на обвинителската функција, наведувајќи притисоци и ограничувања во работата.
Случајот дополнително ја отвори јавната дебата за состојбите во правосудниот систем и улогата на обвинителите во чувствителните предмети од изминатите години.








