7.8 C
Skopje
30 January, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаИзет Меџити: За граѓаните на Чаир, изборите се референдум за квалитетот на...

Изет Меџити: За граѓаните на Чаир, изборите се референдум за квалитетот на живот

- Advertisement -spot_img

Инсистирањето на теми од високата политика во една локална кампања е честопати стратегија да се прикрие недостатокот на конкретни решенија за локалните проблеми. Граѓаните на Чаир се политички зрели и знаат дека нивните права се загарантирани со Уставот и законите, и дека тие не зависат од исходот на изборите за градоначалник. На ДУИ му недостасуваат имагинарни судири, му недостасуваат договорени конфликти со некои претходни влади и премиери. Тоа е единствената политика формула како ДУИ опстануваше на власт. Ние покажавме дека во политиката може и да се работи, да се создава и да се гради, вели во интервју за „Фокус“ кандидатот за градоначалник на Чаир од ВЛЕН, Изет Меџити.

По несогласувањата и разликите со раководството на ДУИ, Изет Меџити одлучи да формира нова партија и стана еден од фронтмените на коалицијата ВЛЕН, која по ланските парламентарни избори стана дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во рамки на оваа Влада, Меџити стана вицепремиер и министер за животна средина, но на претстојните локални избори одлучи да се кандидира за градоначалник на Чаир – функција што своевремено ја извршуваше неколку мандати. Во интервју за „Фокус“, тој говори што го мотивирало повторно да се натпреварува за градоначалничка позиција и какви решенија нуди, каков изборен исход очекува во Чаир и на изборите генерално, какви постизборни разврски се можни…?

Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Зошто одлучивте повторно да се кандидирате за градоначалник на Чаир, откако по 3 последователни мандати од 2005 до 2017 година преминавте во законодавната власт како пратеник, а потоа станавте дел и од извршната власт како вицепремиер и министер за екологија? Зошто одлучивте дека по само година и пол треба да ја напуштите Владата и повторно да влезете во трка за градоначалник на Чаир, откако во 2 мандати оваа функција ја вршеше вашиот близок соработник Ганиу?

МЕЏИТИ: Мојата одлука да се кандидирам за градоначалник на Чаир не е чекор назад, туку чекор напред, кон граѓаните. Искуството што го стекнав како пратеник и како прв вицепремиер во Владата ми даде поширока слика и ми овозможи да обезбедам значајни проекти на централно ниво. Општина Чаир секогаш беше дом на моето политичко дејствување, но делувањето како дел од Владата ми помогна да обезбедам огромни средства за таа општина, како и за сите други.

Да се биде дел од Владата е и чест и предизвик, меѓутоа, со текот на времето, стана јасно дека вистинската промена, онаа што директно го допира секојдневниот живот на луѓето, се случува на локално ниво. Одлуките за иднината на нашата општина не смеат да се носат во затворени владини канцеларии, далеку од реалните потреби на граѓаните. Мојата задача во Владата, каде што обезбедивме стабилност и напредок на државата, е завршена.

Сега е време целото тоа искуство, сите контакти и целата енергија да ги вратам таму каде што припаѓам, во срцето на Чаир. Верувам дека токму од позиција на градоначалник можам најефикасно да ги решам конкретните проблеми со кои се соочуваат моите сограѓани, од сообраќајниот хаос и недостатокот на паркинг, до потребата за чисти улици и економски можности за младите. Ова не е напуштање на удобна позиција, туку преземање на најголемата одговорност, директната одговорност пред луѓето од кои потекнувам.

Дали ќе се кандидиравте за градоначалник на Чаир доколку ДУИ не го кандидираше Бујар Османи? И, какво мислење имате за Османи, со кого долги години бевте сопартијци во ДУИ?

Мојата кандидатура е проактивен, а не реактивен чекор. Таа не е условена од кандидатурите на моите противници, туку е резултат на длабока анализа, разговор со граѓаните на Чаир и мојата лична визија за развојот на општината. Одлуката да се вратам дома е донесена врз основа на потребите на Чаир, а не врз основа на политичките калкулации на другите партии. Изборите не ги гледам како лична битка со поединци, туку како натпревар на идеи, програми и визии.

Што се однесува до господинот Османи, ние имавме долга соработка во минатото и го почитувам неговиот политички пат. Сепак, на овие избори ние сме претставници на две различни политички филозофии. Мојот фокус е на конкретните решенија за Чаир, како што се изградбата на катни гаражи кај Чаирчанка и во Топанско Поле, основањето на бизнис инкубатор за млади и проширувањето на улицата „Цветан Димов“. Верувам дека граѓаните ќе ја вреднуваат понудата што е фокусирана на нивните реални, секојдневни потреби, наспроти која било друга политичка агенда.

Неговата патека е само политичка, како и секогаш до сега. Верувам дека е свесен дека зад себе нема оставено никакви проекти, ниту докази дека знае да ги испланира, создаде, да обезбеди финансирање и да ги реализира. Бујар Османи, за жал, одлучи да остане во рацете на политичките пазари на неговиот лидер, а граѓаните на Чаир да бидат алатка за нивните политички амбиции. Тоа во Чаир не поминува.

Колку локалните избори во Чаир се избори за нов градоначалник и нова локална власт, а колку изборна битка што треба да го дефинира соодносот на силите меѓу ДУИ и ВЛЕН и тој начин да ги детерминира позициите на политичката сцена во, условно кажано, албанскиот блок, односно колку овие избори се второ полувреме од минатогодишните парламентарни избори, по кои победа прогласија и ДУИ и ВЛЕН, преку различна интерпретација на изборните резултати?

Секој изборен циклус носи и поширока политичка тежина, тоа е неспорно. Резултатите во Чаир, како една од најважните општини, секако дека ќе испратат јасна политичка порака и ќе го рефлектираат расположението на гласачите. Сепак, мојот пристап и целата наша кампања се цврсто втемелени во локалната димензија.

За граѓанинот на Чаир, овие избори се пред сè референдум за квалитетот на животот во наредните четири години. Дали ќе има каде да го паркира автомобилот? Дали децата ќе му одат во модерно опремено училиште? Дали ќе има чист парк каде ќе може да го помине попладнето? Дали ќе има нова современа библиотека? Ова се вистинските прашања.

Националниот легитимитет не се освојува со празни декларации, туку се гради преку напорна работа и остварени резултати на локално ниво. Убеден сум дека победата во Чаир ќе биде резултат на нашата супериорна програма и довербата што граѓаните ја имаат во мојата способност да ги реализирам ветените проекти. Политичката порака што ќе произлезе од тоа ќе биде само последица на добро завршената работа на терен.

Дали, според Вас, во оваа изборна кампања треба да доминираат локални теми и прашања или неопходно е да се создаде атмосфера во која доминантно ќе се адресираат теми од високата политика, како што се обидува да ги наметне ДУИ, од каде велат дека овие избори се референдум за промена на претставниците на Албанците во власта, со цел да се спречи, според нив, укинување на национални права на Албанците, на поништување на Рамковниот договор итн. Се согласувате ли со ваквите тврдења?

Не се согласувам со таквиот пристап. Инсистирањето на теми од високата политика во една локална кампања е честопати стратегија да се прикрие недостатокот на конкретни решенија за локалните проблеми. Граѓаните на Чаир се политички зрели и знаат дека нивните права се загарантирани со Уставот и законите, и дека тие не зависат од исходот на изборите за градоначалник.

Дополнително, ВЛЕН во досегашниот период покажа дека знае да се носи со предизвиците и да решава наследени проблеми, како оние со балансерот, со Законот за јазиците и слично. Да се плашат граѓаните со губење на национални права е потценување на нивната интелигенција и е неодговорно. Вистинскиот патриотизам денес е да се обезбеди чиста, уредена, безбедна и економски просперитетна општина.

Мојата кампања е фокусирана на четирите столба: инфраструктура, чистота и животна средина, млади и економија, и култура и спорт. Тоа е она што ги интересира луѓето. Додека другите зборуваат за имагинарни закани, ние веќе работиме. Никој не може да им одземе никакво право на Албанците, затоа што ние сме конститутивен народ без чија што согласност не може да се донесе никаква крупна одлука.

Го дадовме правецот за сите наследени проблеми кои ДУИ очигледно не ги решавало. И тоа решенијата се коректни и се во косензус со сите останати фактори во државата. На ДУИ му недостасуваат имагинарни судири, му недостасуваат договорени конфликти со некои претходни влади и премиери. Тоа е единствената политика формула како ДУИ опстануваше на власт. Ние покажавме дека во политиката може и да се работи, да се создава и да се гради.

Според Вас, кои се најголемите предизвици што треба да се решаваат во Општина Чаир во делот на инфраструктурата, образованието, локалната економија, животната средина…? И зошто овие состојби не се надминати досега, односно во изминативе дваесетина години, кога на чело на Чаир бевте Вие и вашиот сопартиец Ганиу?

Најголемите предизвици се јасно идентификувани во нашата програма, бидејќи таа произлезе директно од потребите на граѓаните. Во инфраструктурата, тоа се хроничниот недостаток на паркинг простор и сообраќајните тесни грла. Во делот на животната средина, тоа е недоволното справување со отпадот и малкуте зелени површини. Во економијата, тоа е потребата од системска поддршка за младите кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Во образованието, неопходна е модернизација на училиштата и воведување на едносменска и целодневна настава во истите.

Точно е дека јас бев на чело на општината 12 години, во период на големи транзиции. Во тоа време, поставивме темели, решивме крупни наследени проблеми, изградивме клучна инфраструктура и го трансформиравме ликот на општината. Еден град е жив организам кој постојано се развива и со тоа се појавуваат нови, посложени предизвици.

Проблемот со паркирањето, на пример, е многу поизразен денес отколку пред 15 години. Затоа, решенијата мора да бидат од следната генерација. Токму моето искуство од централната власт сега ми дава нова перспектива и нови алатки за да ги решам овие современи предизвици.

Проекти како подземен паркинг, бизнис инкубатор и локален иновациски фонд не беа лесно остварливи во минатото, но денес, со вистинска визија и способност за обезбедување фондови, тие се апсолутно реални. Гледам на минатото како на важна етапа, но сега сум фокусиран на иднината и на подигање на Чаир на едно повисоко ниво.

Чаир беше општина која не беше пример. Но денес ние зборуваме за општина во која работат неколку универзитети, во која ќе градиме библиотека и модерен младински центар, зборуваме за општина во која има над 2.000 бизниси, зборуваме за општина во која рапидно се зголемува бројот на лицата со виоскообразовние, зборуваме за општина која е образовен, но ќе биде и културен и научен регионален центар за Албанците.

Сето тоа е дел од етaпите на развој. Имаме искуство, имаме визија, имаме поддршка од владините фондови и затоа најбрзо се развиваме.

Колкава штета проценувате дека Ви направи кампањата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, која ловеше дивоградби во Чаир, обвинувајќи ве Вас и Ганиу дека свесно сте дозволиле изградба на дивоградби од страна на ваши блиски лица во својство на инвеститори, а сето тоа сте го покривале во општината преку фалсификувана докуменатција и лажни архивски бројчиња?

Таа кампања беше политички мотивирана и темпирана да создаде негативна перцепција, без да се заснова на факти. Коалицијата во Град Скопје ја знаеме од поодамна. Таму се Данела Арсовска, ДУИ и Левица, а ние сме константна мета на напади и конструкции. Категорично ги отфрламе сите тие обвинувања како невистинити.

Мојата работа, и како градоначалник и на сите други функции, секогаш била транспарентна и во служба на законот и граѓаните. Ваквите напади имаат за цел да го дефокусираат вниманието од реалните проблеми и од неспособноста на тие што ги пласираат. Граѓаните на Чаир се мудри и знаат да препознаат кога некој работи за нивните интереси, а кога некој се обидува да собира евтини политички поени преку конструкции и клевети.

Наместо да се занимавам со такви деструктивни наративи, јас нудам конструктивна визија за урбаниот развој на Чаир, со јасни планови, почитување на процедурите и создавање на хумани простори за живеење. Најдобриот одговор на лажните обвинувања е работата и резултатите, а токму тоа е она што јас го нудам.

За мене најважно е да се посветиме на потребите на граѓаните, а тие самите ќе ги дадат најдобрите одговори на сите конструкции и напади во минатите неколку години. Не чека многу работа, немаме ние време за премногу политиканство.

Каков резултат очекувате Вие лично во Чаир и каков генерален резултат му прогнозирате на ВЛЕН? Што доколку има ситуација ВЛЕН да освои повеќе градоначалници во големи општини, како резултат на соработката со ВМРО-ДПМНЕ, а притоа коалицијата на ДУИ има поголем вкупен број на градоначалници или повеќе советници, т.е. гласови на советничките листи? Како би го толкувале овој изборен резултат?

Во Чаир очекувам чиста и убедлива победа уште во првиот круг. Енергијата на терен, масовната поддршка на нашите собири и позитивниот прием на нашата програма ми даваат целосна сигурност во тоа.

На ниво на коалицијата ВЛЕН, очекувам сериозен пробив и победа во клучните урбани центри, што ќе го потврди новиот политички правец кој го трасиравме. Ќе имаме победи во сите општини во кои до сега управуваме, битката со ДУИ ќе е на нивен терен. Се бориме за победи во општини каде што до сега лошо управуваше ДУИ.

Во хипотетичкото сценарио што го споменувате, вистинската мерка за изборниот успех не е само во простата аритметика, туку во политичката тежина на победите. Освојувањето на големите, стратешки општини каде живее најголем дел од популацијата и каде се концентрирани најголемите предизвици, претставува јасен мандат за промени. Тоа е показател кој ја има довербата да ги води најважните процеси.

Победата во општини како Чаир, Тетово или Струга има далеку поголемо политичко значење отколку победа во неколку помали, рурални општини. Затоа, за нас, квалитетот на победите и мандатот добиен од граѓаните во урбаните средини ќе биде најрелевантниот показател за успехот. Иако победите во руралните средини за нас ќе се и најубавата победа, токму таму каде што ДУИ се смета за неприкосновена. Почекајте, ќе видите дека ќе има многу изненадувања. Позитивни изненадувања.

Дали ако ВЛЕН убедливо загуби на локалните избори од Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ, тогаш ќе има предвремени парламентарни парламентарни избори? Или, без оглед на исходот на локалните избори, актуелната централна влада ќе го заврши цел 4-годишен мандат?

Прво, не работам со хипотезата за убедлив пораз, туку со реалноста на убедлива победа. Но, за да одговорам на вашето прашање принципиелно не треба да се мешаат локалните со парламентарните избори. Владата има стабилно мнозинство, јасна програма и четиригодишен мандат добиен на парламентарните избори. Нејзината задача е да ја води државата, да спроведува реформи и да работи на евроинтеграцискиот пат.

Локалните избори се за локални теми и локални власти. Обидот да се поврзат овие два процеси е неодговорен и создава вештачка нестабилност. Граѓаните очекуваат од нас да работиме, а не постојано да бидеме во изборни калкулации. Актуелната централна влада е посветена на исполнување на својот целосен мандат, без оглед на исходот од локалните избори.

На последните парламентарни избори мнозинството на Албанците дадоа јасен легитимитет на потребата од промени и плурализам во албанскиот сегмент на политичката сцена. Ние имаме обврска таа насока да ја почитуваме и да ја спроведеме.

Од денешна перспектива, како гледате на вашата разделба со Таравари, кој излезе од ВЛЕН и од Владата и се приклучи кон фронтот на ДУИ? Колкава штета сметате дека ќе ви направи на изборите заминувањето на Таравари и како очекувате да се однесува во иднина – дали е можно после изборите повторно да соработувате со него или пак поголема можност за соработка има меѓу ВЛЕН и Села?

Во политиката, секој поединец носи свои одлуки и презема одговорност за нив пред гласачите. Одлуката на господинот Таравари беше негов личен избор. ВЛЕН покажа дека нејзината сила не лежи во еден човек, туку во идејата за промени, во заедништвото на повеќе политички субјекти и во огромната поддршка од граѓаните кои сакаат поинаков пристап. Ние продолживме уште посилно и пообединето. Штетата од неговото заминување е минимална, бидејќи граѓаните гласаат за принципи и визија, а не за поединци.

Што се однесува до идната соработка, нашата врата е секогаш отворена за сите политички актери кои ги споделуваат нашите вредности демократија, транспарентност, отчетност и бескомпромисна борба против корупцијата. Соработката ќе се темели на принципи и програмски усогласености, а не на лични односи. Кој ќе ги прифати овие принципи, тој е наш потенцијален партнер во иднина.

После локалните избори, многу од партнерите на ДУИ ќе разберат во каква заблуда биле донесени, ние веќе разговараме за соработка со неколку од нив. Ќе оставиме времето да покаже. Правецот е јасен, ДУИ нема капацитет да се реформира и да се врати на времињата во кои беше успешна партија.

Ако убедливо победите на локалните избори, тогаш каков развој на настаните очекувате во ВЛЕН и во ДУИ? Дали во такво претпоставено сценарио, ВЛЕН ќе го заокружи процесот на трансформација од коалиција во политичка партија, кој се одолговлекува? И сметате ли дека можно е да дојде до крупни кадрвоски реформи во ДУИ, па дури и до политичко пензионирање на Ахмети?

Убедлива победа на ВЛЕН на локалните избори ќе биде јасен мандат од граѓаните и потврда дека нашиот пат е исправен. Тоа природно ќе го забрза процесот на нашето внатрешно консолидирање и понатамошно интегрирање. Трансформацијата на коалицијата во поцврста, унифицирана политичка структура е логичен следен чекор со цел уште поефикасно да одговориме на очекувањата на граѓаните. Една голема победа дефинитивно би била катализатор за тој процес.

Што се однесува до случувањата во другите политички табори, не би било политички коректно јас да шпекулирам. Секоја партија си има свои внатрешни демократски процедури. Поразот на изборите секако отвора процеси на анализа и преиспитување во која било политичка структура.

Но, нашиот фокус не е на состојбите кај политичкиот опонент, туку на нашата одговорност пред граѓаните. По победата, нашата главна задача ќе биде веднаш да започнеме со реализација на ветените проекти и да докажеме дека сме поинакви и подобри. Тоа е најважниот развој на настаните што го очекувам. Тоа се однесува и на Чаир и на сите други општини во кои живеат Албанците во Македонија.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img