„Ормутскиот теснец не може повторно да се отвори сè додека продолжуваат заканите и запаливата реторика од американските официјални лица, како и нивното мешање во поморскиот сообраќај во регионот“, соопшти Револуционерната гарда.
Иран тврди дека има цврста контрола врз влезните и излезните точки на теснецот, кој претставува една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас.
Американската војска ги оспорува иранските тврдења во врска со затворањето на теснецот, наведувајќи дека комерцијалните бродови продолжуваат да минуваат низ него со помош на САД.
Револуционерната гарда тврди дека, поттикнати од американски летала, два танкера за нафта во текот на ноќта се обиделе да поминат низ дел од јужниот дел на Ормускиот Теснец, кој Иран го смета за небезбеден.
Двата брода се вратиле назад кратко откако на еден од нив избувнал голем пожар, соопшти Револуционерната гарда.
Причината за пожарот не е соопштена, а во моментов нема ниту независна потврда за иранската верзија на настаните.
„Ормускиот Теснец е наша територија, а морнарицата на Револуционерната гарда одржува цврста контрола врз него. Нема да дозволиме каква било сила што доаѓа од илјадници километри подалеку да се меша“, изјавија од Револуционерната гарда.
Во последните денови, Иран исто така известуваше за пресретнување или напади врз танкери што се обидувале да пловат низ теснецот без негово одобрение.
Вчера, Револуционерната гарда објави дека пресретнала три танкери за нафта. САД започнуваат нов бран напади врз Иран Соопштението на Револуционерната гарда уследи по почетокот на нов бран воздушни напади на американската војска врз ирански цели.






