Иран лансираше беспилотни летала кон американски воени бродови во Оманскиот Залив, соопшти полуофицијалната новинска агенција Тасним, која е блиска до Иранската револуционерна гарда, кратко откако американските сили запленија ирански товарен брод.
Засега нема извештаи за штети. Иранската команда „Хатам ал-Анбија“, која ги координира сите гранки на вооружените сили, претходно ја нарече американската операција кршење на прекинот на огнот и рече дека ќе одговори на она што го нарече „чин на вооружено пиратство од страна на американската морнарица“.
За потсетување, американската Команда за Блискиот Исток (CENTCOM) објави видео утрово на кое се гледаат маринци од хеликоптери како упаѓаат на иранскиот брод „Туска“ во Оманскиот Залив.
Според американските извештаи, бродот претходно бил онеспособен откако разорувачот „УСС Спруанс“ отворил оган врз неговата машинска просторија, а потоа маринците ја презеле контролата врз бродот. САД тврдат дека претходно му биле дадени неколкучасовни предупредувања на екипажот.
Војната меѓу САД и Иран започна по нападите на САД и Израел врз иранските воени цели и раководство, на што Техеран одговори со блокирање на Ормускиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта.
Потоа САД започнаа блокада на иранските пристаништа и распоредија дополнителни сили во Оманскиот Залив и Арапското Море, тврдејќи дека тие обезбедуваат слобода на пловидба и ги заштитуваат трговските бродови.








