Поголемата батерија и новиот систем за ладење би можеле да бидат причината за зголемените димензии и тежина на новиот премиум iPhone.
Претстојниот iPhone 18 Pro Max би можел да биде значително подебел и потежок од својот претходник, што укажува дека Apple направил компромис за да вгради поголема батерија.
Според познатиот кинески дојавувач Ice Universe, iPhone 18 Pro Max ќе биде дебел околу 9 mm и ќе тежи приближно 240 грама. Тоа значи дека новиот модел ќе биде околу 0,25 mm подебел и приближно 7 грама потежок од актуелниот iPhone 17 Pro Max.
Овие информации доаѓаат по неодамнешните регулаторни документи кои покажуваат дека iPhone 18 Pro Max ќе има батерија со капацитет од 5.391 mAh за кинескиот пазар и 5.567 mAh за американскиот пазар, што претставува зголемување од речиси 500 mAh во споредба со iPhone 17 Pro Max.
Ice Universe смета дека зголемената дебелина и тежина се директна последица на поголемата батерија. Дополнително, се очекува Apple да воведе и нов тип на парна комора (vapor chamber) изработена од нерѓосувачки челик за поефикасно ладење, што исто така би можело да придонесе за поголемата тежина на уредот.

Овие информации се надоврзуваат на претходните гласини дека следниот премиум модел на Apple би можел да стане најтешкиот iPhone досега. Доколку тоа се покаже како точно, ќе мора да биде потежок од iPhone 14 Pro Max, кој исто така тежеше 240 грама, па можно е разликата меѓу двата модели да биде само неколку милиграми.
Преминот на Apple од нерѓосувачки челик на титаниум кај сериите iPhone 15 Pro и iPhone 16 Pro овозможи тие модели да бидат полесни од серијата iPhone 14 Pro. Потоа, кај iPhone 17 Pro, компанијата се откажа од титаниумот и премина на полесен алуминиум, но промените во внатрешната конструкција и малку подебелиот дизајн повторно ја зголемија тежината на уредите.
Се очекува iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max да бидат претставени во септември, заедно со првиот преклопен iPhone на Apple.






