Македонската кошаркарска репрезентација веќе со години е без учество на Европското и на Светското првенство, но барем сега, оваа генерација ветува посветла иднина. Се појавија нови имиња како Андреј Јакимовски, Ненад Димитријевиќ, Андреј Шошкиќ…, од кои се очекува да бидат носители на играта на нашата селекција и во најскоро време да блеснат во полн сјај, а воедно да ја вратат Македонија онаму каде што припаѓа – на големите првенства.
Овој пат, дневниот весник ВЕЧЕР реши да направи новогодишно интервју со момчето со кое направивме разговор пред повеќе од седум години, кога имаше само 13 години. Уште во тоа време, неговиот талент беше видлив на едно повисоко ниво во однос на останатите кошаркари во генерацијата, а сега, веќе сигурно чекори кон остварување на својот сон – еден ден да заигра во НБА. Но, и тој негов сон не е премногу далеку бидејќи моментно ги брани боите на Стони Брукс Сиволвс во НЦАА-лигата на САД, од каде што НБА најчесто „се храни“ со играчи за време на драфтот. Станува збор за Андреј Шошкиќ, кој сезонава бележи импресивни настапи во дресот на универзитетот „Стони Брукс“.
Покрај престојот во новиот клуб и условите кои ги има таму, Шошкиќ даде свое гледиште и за иднината на македонската репрезентација, а воедно имаше и порака за читателите на весникот ВЕЧЕР.
Како ти поминаа првите месеци во новиот клуб?
- Првите месеци во новата средина ги поминав во текот на летото. Ми беше потребен одреден период за адаптација – и на начинот на игра, и на ритамот во колеџ лигата. Со текот на времето, почнав сè подобро да го разбирам системот, да се вклопувам во екипата и да напредувам на сите полиња.
Ќе можеш ли да ни направиш една паралела со клубовите во кои тренираше и таму каде што си сега?
- Тренажниот процес е значително поразличен од сè што сум имал досега во кариерата. Во колеџ кошарката се става огромен акцент на напорната работа, со тренинзи кои траат најмалку по два часа дневно. Покрај тоа, условите се на многу високо ниво – имаме постојана достапност до сали и тренери, па практично секој играч може да тренира и да шутира во секое време, како и да работи индивидуално со тренер. Тука кошарката е еден од најважните спортови и се вложува сериозно и во играчите и во целиот тим.
Дали следна цел е НБА-драфтот?
- Секој кошаркар сонува еден ден да заигра во НБА, па така и јас. Сепак, не размислувам премногу во таа насока. Искрено, повеќе се гледам себеси во Европа, конкретно во Евролигата, и моментално, таа ми е поголема желба отколку настап во НБА.
Ќе може ли од твоја перспектива да ни кажеш каква иднина ја чека македонската репрезентација, со оглед на големите промени што се случија изминатиот период, од подмладување до нови натурализирани кошаркари?
- Сметам дека Македонија располага со многу талентирани млади кошаркари кои допрва треба да излезат на сцена и целосно да го покажат својот потенцијал. Иако не сум физички присутен, редовно ги следам натпреварите на репрезентацијата и верувам дека нè очекува светла иднина. Веќе е видлива смената на генерации, а сè поголем број млади играчи добиваат можност да го носат македонскиот дрес.
Дали повикот за репрезентацијата останува на прво место, пред клупските обврски?
- Секако, повикот за репрезентацијата секогаш ќе биде значаен за мене. Доколку добијам зелено светло од клубот, без двоумење ќе го прифатам повикот и ќе заиграм за Македонија.
Со оглед на тоа што се пресели од другата страна на Атлантикот, ако мораш да бираш, кој намногу ти недостасува, семејството или девојката?
- И семејството и девојката ми недостасуваат подеднакво. Веќе речиси половина година сум оддалечен од најблиските, имаше моменти кога не беше лесно, но со текот на времето, научив како да се справувам со таа оддалеченост.
Америка е ново поглавје во твојата кариера, сигурно имаш еден куп анегдоти. Ќе можеш ли да ни доловиш некоја од нив, без разлика дали е од теренот или надвор од него?
- Една од најинтересните работи за мене беше колку брзо и интензивно тече секојдневието во колеџ кошарката. Уште од првиот ден сè е точно испланирано – тренинзи, видеа, вежбање, обврски надвор од теренот. Тоа ми беше нешто сосема ново, но со време сфатив дека токму таа дисциплина ми помага да бидам поконцентриран и подобро подготвен за секој предизвик.
Каде ќе ја прославиш новата година и што побара од Дедо Мраз?
- Новата година ќе ја дочекаме на пат, зашто ќе се враќаме од натпревар, па најверојатно ќе бидеме на аеродром или во авион на пат кон Њујорк. Најголемата желба ми е во текот на новата година да имам повеќе моменти поминати со најблиските.
Што ќе им посакаш на читателите на ВЕЧЕР во новата 2026 година?
- На читателите на ВЕЧЕР им посакувам многу здравје, среќа и успех во новата 2026 година. Нека бидат упорни во остварувањето на своите цели, да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат од соништата, без разлика на предизвиците што ќе им се најдат на патот.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ
ФОТО: Петр Стојановски







