Институтот за јавно здравје ги заврши анализите на примероците од водата земени на четири локации во Гостивар, а резултатите во текот на денот ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, соопшти директорката на Институтот, Марија Андоновска.
Таа информираше дека примероците биле земени веднаш по барањето на надлежните институции и дека анализите биле изработени во најкус можен рок.
„Од ИЈЗ беше побарано од четири места да се земат примероци на вода. Постапено е најбрзо што може, денеска ги имаме комплетните анализи и во текот на денот ќе бидат предадени на Обвинителството. Се прават епидемиолошки проценки и се следи состојбата“, изјави Андоновска.
Таа појасни дека прогласувањето епидемија претставува мерка што овозможува подобра координација меѓу институциите и поефикасно спроведување на препораките за заштита на населението.
„Прогласување епидемија е кога ќе се забележи зголемување на бројот на заболени. Тоа значи дека сите институции треба да бидат повеќе координирани, да имаат поголема комуникација меѓу себе и да се размислува за дополнителни препораки. Ние и пред прогласувањето на епидемијата ги презедовме сите мерки што треба да се направат во ваква ситуација“, рече Андоновска.
Таа додаде дека ИЈЗ продолжува со контролите и епидемиолошките анализи, а апелираше Јавното обвинителство да ги разгледа сите собрани информации и да ја утврди евентуалната одговорност за случајот.
„Продолжуваме со контролите. Апелираме Обвинителството да ги собере сите информации и да ја утврди одговорноста. Сочувствуваме со граѓаните на Гостивар“, изјави директорката на Институтот за јавно здравје.






