Загадувањето на водоводната мрежа во Гостивар е сериозен инцидент кој директно го загрози здравјето на илјадници граѓани и очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба, рече министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на прес-конференција во Владата.
– Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста. Институциите будно го следат развојот на случувањат – рече Хоџа.
Тој изрази загриженост за сите заболени граѓани од Полошкиот регион.
– Би сакал да ги уверам гостиварци дека Владата ги презема сите мерки, секако во рамки на своите надлежности, и така ќе продолжи сè до конечното расчистување на овој случај. Важно е граѓаните да знаат и кои се законските надлежности. Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и на јавните комунални претпријатија. Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори. Истовремено, контролата на квалитетот на водата за пиење е законска обврска на центрите за јавно здравје, кои имаат обврска континуирано да ја следат исправноста на водата и навремено да ја информираат јавноста и надлежните институции кога ќе се утврди ризик по јавното здравје. Министерството за животна средина и просторно планирање останува целосно посветено на обезбедување услови за подобра комунална инфраструктура – рече Хоџа.
Тој напомена и дека во моментов се спроведува најголем инвестициски циклус за унапредување на водоснабдувањето, канализациските системи, пречистителните станици и за заштитата на животната средина.
– Ќе продолжиме да ги поддржуваме општините со инвестиции, стручна помош и со политики кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните. Но, инвестициите сами по себе не се доволни. Секој носител на јавна функција и секоја институција и на централно и на локално ниво мора професионално, законски и совесно да ги извршува своите надлежности. Само така можеме да изградиме систем во кој вакви инциденти нема да се случуваат. Нашата обврска е да ја заштитиме животната средина, но пред сè да го заштитиме здравјето на граѓаните. Токму затоа очекуваме брза, темелна и транспарентна истрага, целосно расчистување на случајот и соодветна одговорност за сите инволвирани – нагласи Хоџа.






