Грант од 500.000 евра може да пропадне доколку не се достави потребна документација до француска компанија која сака да работи на санирање на пречистителната станица на Југохром и да започне подготвителни активности за расчистување на депонијата со шествалентен хром, која му се заканува на изворот за чиста вода Рашче. Од граѓанската организација Еко свест алармираа дека деновиве истекува рокот за грант средствата, по што постои опасност тие да бидат изгубени. Рокот е краток, а Еко-свест бара Министерот итно да ги достави потребните документи за да не се испушти можноста за финансирање на овој проект. Ова е прв чекор кон трајно решавање на проблемот, велат од „Еко свест“. „Фокус“ веќе пишуваше на оваа тема летово, кога крена паника за тоа каква вода пијат скопјани. дека за изворот Рашче демне вистинска опасност – јаловнината полна со шествалентен хром во Јегуновце.
Додека јавноста во Македонија летово се занимаваше и сè уште се занимава со она што се случува во Гостивар, каде што поради човечки фактор – целиот град и околината, седумдесетина илјади македонски граѓани, повеќе од еден месец останаа без вода за пиење, голем дел од периодот и воопшто со каква било вода за користење, како вистинска хидрогенска бомба (каква јазична парадигма) одекна веста што се појави пред една недела, дека и водата што доаѓа од Рашче и тече низ цевките на скопскиот водовод е во најмала рака сомнителна за пиење, небезбедна и можен причинител на заразни болести.
Информацијата се појави првично на социјалните мрежи и, како што функционира тој интернет-простор, со брзина на светлината, се прошири и се мултиплицираше, создавајќи вистинска хистерија меѓу над 600-те илјади жители на главниот град. Па, се појавило ешерихија коли, па имало еден куп што побарале помош на Инфективната клиника во Скопје, па почнаа да се празнат со голема брзина сите количества флаширана вода во скопските маркети.
Сè почна некој ден претходно, кога новинарот на Канал 5, Александар Видиновски, кој подолг период наназад споделува видеостории со жешки проблеми на темата екологија, објави едно такво од околината на Рашче, запознавајќи ја јавноста со потенцијалната еколошка бомба што може да ја предизвика дивата депонија, која со години егзистира таму и има потенцијална опасност да му наштети на изворот Рашче.
Веднаш реагираше опозицијата и со прес-конференција од самото место ја прозва власта дека таму сликата е страотна, дека се случува еколошки геноцид и дека треба итно да се реагира. Од СДСМ побараа институциите да утврдат што точно се депонира на локацијата, колку долго отпадот се остава таму и дали постои опасност загадувањето да стигне до подземните води. Партијата побара и јавно уверување дека водата што во моментов се дистрибуира во Скопје е безбедна за пиење.
Власта реагираше жестоко. Ја обвини опозицијата дека непотребно шири паника и хистерија. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски посочи дека сето тоа е оркестриран напад за кој некој ќе треба да одговара кривично. Најави дека ќе бидат повикани десетици граѓани на информативен разговор, а дека некој ќе треба да има последици за таквото однесување. Директно го впери прстот во опозицијата дека е виновна за настанатата ситуација и, очекувано, пред вклучените камери се напи чаша вода за да демантира јавно и лично дека скопската вода е небезбедна за пиење и опасна по здравјето на жителите на главниот град и сите што секојдневно од разни причини се присутни во него.
Во деновите што следеа имаше канонада од жестоки партиски препукувања и меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата. Во неа се вклучи и лично премиерот Христијан Мицкоски, кој пред медиумите излезе со тврдење дека опозицијата планирала да изведе хибриден напад на социјалните мрежи за водата во Скопје. А, власта знаела ден порано за тоа. Поради што, повеќе лица се повикани на информативни разговори во МВР.
Министерството за внатрешни работи спроведува истрага за случајот со кој, како што вели премиерот, се имаше цел да се внесе немир и несигурност кај граѓаните.
-Минатата година, слични хибридни напади преку социјалните мрежи имаше за пожарите, а претходно и на други теми дека државата ќе банкротира, дека ќе влезат илјадници мигранти, дека ќе имаме енергетска криза и слично. Се надевам дека со измени во Кривичниот законик ќе има одредба за вакви дела со кои свесно се создава хистерија, се врши хибриден напад и се создава немир и страв кај населението, рече Мицкоски и додаде дека зад случајот не е исклучено да има и комерцијални обиди, бидејќи маркетите ги испразнија резервите на вода. Тој информира дека истрагата на МВР е во тек и дека од таму ќе се чекаат деталите за случајот.
Во меѓувреме, Јавното обвинителство оформи предмет по допрен глас за да ги провери информациите поврзани со отпадот во заштитеното подрачје во близина на изворите Рашче. Во фокусот на проверките се можните елементи на кривично дело против животната средина, како и евентуалната одговорност за загадување или несовесно постапување со отпад. А, градоначалникот Ѓорѓиевски стартуваше со расчистување на дивата депонија, што го покажа и со објавени видеостории на неговите профили на социјалните мрежи.
Но, зад вака поставената „сцена“ што ја преплави државата во последниве седум-осум, можеби десет дена, демне вистинска опасност за изворот на Рашче. Со негативен потенцијал од такви размери, што при неговото опишување – зборот катастрофа ќе звучи премеко. Зборуваме за индустрискиот отпад и јаловината што се наоѓаат во кругот на некогашниот металуршко-хемиски комбинат „Југохром“ и исклучително токсичниот шествалентен хром што го содржи тој. Или, кажано поинаку, приказната за Рашче не почнува од минатата недела. Таа трае со децении, некаде од шеесеттите години на минатиот век. И, затоа во право се оние што тврдат дека вистинското прашање не е – „дали денес водата во главниот град е загадена“, туку – „што правиме како држава за хромот од Јегуновце никогаш да не биде причина утре да се затворат чешмите во Скопје?“
Години наназад, и од официјалните институции, и од екологистите, и од најрелевантните стручни познавачи на материјата, индустриската депонија кај „Југохром“ е означена како еколошка жешка точка број еден во Македонија. Студијата што специјално за овој проблем ја изработи Градежниот институт и која се смета за најрелевантен документ што се занимава со причините и можните решенија на оваа еколошка супербомба, депонијата ја означува како простор со екстремна контаминација. Подземните води околу неа покажуваат дека концентрациите на исклучително токсичниот шествалентен хром опасен по здравјето се, внимавајте, од 50 до 100 илјади пати повеќе од максимално дозволените.
https://fokus.mk/histerijata-so-skopskata-voda-za-piene-mozhe-da-se-pretvori-vo-vistinska-opasnost-poradi-hromot-od-jegunovtse/






