Откако денес СДСМ го обвини поранешниот премиер Никола Груевски дека ги троши милијардите во Будипмешта, додека државата ги продава неговите станови на Водно, тој се огласи на социјалната мрежа „Фејсбук.“ Со слика од него во бела дуксерка и долг статус под истата, демантира дека становите кои се запленети не се во негова сопственост.
„И по којзнае кој пат принуден сум да демантирам дека тие станови никогаш не биле мои станови и дека сето тоа е резултат на еден криминален политички мотивиран судски процес во кој целта и мотивите беа политички и лични, произлезени од стравот и омразата на криминалецот и предавникот на македонските национални интереси Зоран Заев“, пишува во неговата објава на „Фејсбук“.
Тој отфрла и тврди дека обвинителството не докажало дека платил за становите, ниту дека биле во негова сопственост, и дека нема никаква директна ниту пак индиректна поврзаност со нив. За Јордан Камчев пак, смета дека бил неправедно обвинет, а подоцна уценет и притиснат да даде изјава против него.
Груевски во објава го спомна и поранешниот премиер Зоран Заев, за кој тврди дека инвестирал проневерени пари во Дубаи, Таџикистан, Швајцарија, Грција и други држави низ светот, повремено одмарајќи на луксузна јахта, без притоа да не ги чувствува злоделата кои му ги направил на него и на Република Македонија и Македонците.






