Плажата Гларокавос во регионот Халкидики, на полуостровот Касандра во Грција, е прогласена за најубава плажа во Европа за 2025 година, според гласовите на туристи од целиот свет, а признанието го доделува организацијата European Best Destinations.
Сместена во близина на туристичкото место Пефкохори, оваа плажа привлекува внимание со својата необична форма – тесна песочна превлака што ги раздвојува Егејското Море и лагуната, создавајќи впечаток како да се наоѓате истовремено и на остров и на копно.
Гларокавос често ја нарекуваат и „Плава лагуна“, поради тиркизната вода што е опкружена со борова шума, а токму таа комбинација на мир, чиста природа и кристално море ја издвојува од другите европски плажи.
Освен што нуди уредени делови со лежалки и туристичка инфраструктура, плажата има и делови кои останале речиси недопрени, што ја прави привлечна и за љубителите на потивок одмор и природа. Плитката лагуна ја прави погодна и за семејства, како и за активности како кајак или веслање на даска.
Ова признание е дел од годишната листа на најубави европски плажи, која се базира на искуства и оценки на патници, а Гларокавос годинава се најде на самиот врв пред познати дестинации од Италија и Шпанија.








