Во време на климатска неизвесност, економски притисоци и трансформации на урбаниот живот, Скопје станува сцена за преиспитување на иднината на градот. Преку програмата „City as a Stage: Urban Utopias / Градот како сцена: урбани утопии“, локални и меѓународни актери ќе истражуваат нови модели на заедничко живеење, солидарност и самоорганизација.
Настаните започнуваат на 7 мај со јавно предавање на архитектите и истражувачи Ана Џокиќ и Марк Нилен од меѓународната практика STEALTH.unlimited, кое ќе се одржи на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Во предавањето насловено „Нашиот кооперативен живот“, тие ќе ги споделат своите искуства од работа со заедници кои создаваат алтернативни модели за домување, енергија и економија, надвор од доминантните пазарни логики.
„Градовите можат да се читаат како екосистеми, но и да се трансформираат преку колективно дејствување“, посочуваат тие, нагласувајќи ја улогата на граѓанските иницијативи во градење одржливи и правични урбани средини.
Во попладневните часови, програмата продолжува со дводневната работилница „Насоки кон кооперативна иднина – за свет во неволја“, која ќе се одржи во кино-просторот во Железничката зграда. Ограничена на околу 15 учесници – млади архитекти, уметници и претставници на организации – работилницата ќе функционира како експериментален простор за замислување на иднината.
Преку фикција поставена во 2033 година, учесниците ќе размислуваат за свет во кој традиционалните економски и социјални структури се веќе разнишани. Во тој контекст, централно место зазема идејата за женски-водена кооператива, заедница во која различни генерации заеднички живеат, работат и создаваат мрежи на грижа и поддршка.
Работилницата отвора прашања кои се сè поактуелни: што од постојните системи вреди да се зачува, а што да се напушти? Како постојните практики во домување и енергија можат да се поврзат во одржливи заедници? и Како да се создадат „екосистеми на грижа“ што ќе овозможат опстанок во време на кризи?
На 8 мај програмата продолжува со продлабочување на овие сценарија, вклучително и проекција на филмот „Living Together: The Story of De Warren“, кој ја следи првата станбена кооператива во Амстердам основана од млади луѓе без претходно искуство во градење.
Кулминацијата е на 9 мај со јавен настан под наслов „Каков (кооперативен) град?“, кој ќе се одржи како интервенција во јавен простор. Настанот комбинира презентации, музичка програма, перформативно готвење и детска работилница за создавање „Град на соништата“ – колективна макета од фантазирани урбани простори.
Особен акцент се става на учеството на децата и заедницата, со цел да се поттикне размислување за тоа како изгледа градот денес и каков би сакале да биде утре.
Проектот се фокусира на локални актери – активисти, уметници и жители,чии „bottom-up“ практики нудат алтернативи на доминантните урбани модели. Преку нив, градот се разбира како процес, како нешто што се создава секојдневно преку односи, близини и заеднички дејства.
„Потенцијалот на соседствата станува клучен тие не се фиксни структури, туку живи, променливи простори што се обликуваат преку луѓето“, се наведува во концептот на програмата.
„Градот како сцена: урбани утопии“ е дел од програмската линија RE-USE #3 и се реализира во рамки на платформата АКТО, во соработка со TiiiT! Inc. и повеќе меѓународни партнери, меѓу кои и организации од Берлин, Ротердам и Белград.
Проектот е поддржан од Гете-институтот во Скопје и е дел од програмата „Култура за развој“, финансирана од Владата на Швајцарија, со цел да се зајакне улогата на културата во градење поотворено, инклузивно и демократско општество.
Во време кога градовите се соочуваат со растечки нееднаквости и климатски предизвици, оваа иницијатива предлага нешто поинакво: да го замислиме градот не како даденост, туку како простор за заедничко создавање – како сцена на можни, пофер и поодржливи иднини.








