Трендот на зголемена употреба на дигиталните платежни услуги продолжува и во првиот квартал од 2026 година, а граѓаните сè почесто ги користат и мобилните телефони и електронските канали за извршување на плаќањата.
Податоците на Народната банка покажуваат раст и на вкупниот број на платежни трансакции, како и на нивната вредност во однос на истиот период лани. Според Народната банка, плаќањата со платни налози на граѓаните се зголемени за 10,3 проценти според бројот на трансакции, додека нивната вредност е повисока за 14,6 проценти.
Најголем пораст е забележан кај електронските плаќања. Бројот на електронски иницирани трансакции е зголемен за 21,9 проценти, а нивната вредност за 23 проценти во споредба со првиот квартал од 2025 година.
Доминантен удел имаат мобилните апликации, преку кои се реализирани 72,8 проценти од сите електронски платежни трансакции. Во оваа категорија е регистриран годишен раст од 25,9 проценти, што потврдува дека мобилниот телефон станува најкористеното средство за брзо и едноставно плаќање.
Позитивен тренд е забележан и кај плаќањата со платежни картички. Нивниот број е зголемен за 12,2 проценти, а вредноста за 14,5 проценти. Најголем придонес за овој раст имаат интернет-плаќањата, кои пораснале за 18,7 проценти, како и трансакциите на физичките продажни места, каде што растот изнесува 11,7 проценти.
Од Народната банка посочуваат дека зголемената употреба на дигиталните плаќања е поттикната и од новите платежни решенија што ги воведуваат банките, овозможувајќи им на граѓаните да плаќаат преку мобилни уреди без употреба на физичка платежна картичка.
Во моментов, дигитализираните картички учествуваат со 17,9 проценти во вкупниот број издадени платежни картички во земјата, а преку секоја од нив во просек се реализираат по четири плаќања со мобилен телефон.








