Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај во кој се анализирани конкретни случаи на потенцијално незаконски спроведени тендерски постапки во коишто грижата за јавните пари не била примарна.
Овие случаи, како што се наведува во соопштението до медиумите, се издвојуваат преку анализа на наодите од црвените знаменца кои ги применува Бирото за јавни набавки, преку истражувања кои почиваат на јавно достапните информации, како и преку консултации со граѓаните. Притоа, издвојуваат дел од клучните наоди од три анализирани тендери: набавка на пасоши, лични карти и возачки дозволи, тендер на МНР за закуп на авиони и тендер на Општина Чаир за училишен базен.
Во однос на набавката на пасоши, лични карти и возачки дозволи, од ЦГК посочуваат дека за 5 години граѓаните платиле 73 милиони евра за лични документи врз основа на тендер стар 21 година и договори кои се „доверливи“.








