Полицијата во Уб го уапсила Славко О. (44), кој е осомничен дека го натерал својот десетгодишен син да пука во 25-годишен маж. Крвавиот инцидент се случил синоќа околу 21 часот во дворот на црква во село во близина на Обреновац, а настанот го видел и свештеникот, пишува српски „Телеграф“.
Според првичните информации, до пукањето дошло по расправија меѓу осомничениот и 25-годишниот маж, со кого претходно соработувал во бизнис поврзан со сеча и продажба на дрва. Причина за конфликтот, наводно, биле нерешени финансиски односи.
Во еден момент, Славко О. извадил пиштол, му го дал на својот десетгодишен син и, според сомнежите на полицијата, го натерал да пука во младиот човек. Во нападот тој бил погоден во рацете, по што бил пренесен во болница. Неговата состојба е стабилна и тој се наоѓа надвор од животна опасност.
Свештеникот кој се нашол во близина раскажал дека најпрво не се посомневал дека нешто необично се случува. Кога го забележал автомобилот како доаѓа во црковниот двор во доцните вечерни часови, помислил дека некој од верниците дошол да запали свеќа. Набрзо, сепак, сфатил дека се случува сериозен инцидент.
Мештаните се вознемирени од настанот, особено поради фактот што во него било вмешано и дете. Соседите за повредениот млад човек велат дека е вреден и мирен, а во селото велат дека не очекувале ваков инцидент.
Осомничениот, според досегашните информации, и претходно имал проблеми со законот. Бил пријавуван за нелегално поседување оружје, кражба на дрва, насилничко однесување, како и за сообраќајни инциденти.
Полицијата веднаш го обезбедила местото и го пронашла оружјето, кое е дадено на вештачење. Десетгодишното дете е згрижено и е на безбедно, а во случајот се вклучени и службите за социјална заштита, кои треба да му обезбедат соодветна психолошка и правна поддршка.
На Славко О. му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде предаден на надлежното обвинителство. Истрагата ја води Вишото јавно обвинителство, кое треба да ги утврди сите околности под кои дошло до пукањето.






