Скопскиот кривичен суд ја осудил за виновна за трговија со бебе згрижувачката на деца што со години соработувала со Центарот за социјални работи, а за која неодамна пишуваше весникот ВЕЧЕР дека е инволвирана и во друг случај со разработената шема за посредувањ: брачни двојки што не може да добијат дете, плаќаат на сиромашна родилка, која потпишува изјава на нотар дека го остава на чување. Во пресудата изречена од судијката Фанка Јанчулева- Михаиловска, згрижувачката на деца без родители е осудена на 8 години затвор.
Кога пишуваше весникот ВЕЧЕР дека има и друг случај објавен од полицијата во кој се повторуваат иницијалите на истата згрижувачка обвинета за трговија со дете, од Министерството за труд и социјална политика ни рекоа дека ѝ бил одземен статусот на жената.
– Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, во февруари/март 2025 година, за лице со иницијали Ф. А од Скопје, заведено како згрижувачка, во согласност со законските прописите, ги спроведе сите постапки во интерес на децата. Спроведен е инспекциски надзор, на лицето му престанува статусот на згрижувачко семејство, а децата што биле згрижени во тоа семејство се згрижени во други згрижувачки семејства. Исто така, бебето што било жртва на трговија со луѓе е згрижено. Преземените дејства се резултат на координирани меѓусекторски постапки од надлежните државни органи – одговорија за нашата Редакција од надлежното Министерство.
Жените што требало да го продадат своето бебе, според полициските пријави, биле од Куманово. Во случајот од пресудата, брачната двојка што требало да го купи бебето за 4.000 евра била од Скопско. Тринаесет години немале свои деца, а Центарот ги одбил во барањето за посвојување, бидејќи едниот сопружник се водел во казнената сообраќајна евиденција, а дополнително сопругата била со ментално- интелектуална попреченост. Тогаш во приказната влегла згрижувачката, која се јавила во улога на посредник. Со помош на обвинетата Ѓ. К., наоѓала ранливи родилки и ги убедувала да го продадат своето дете за значителна сума пари.
Приказната за трговијата со бебе, според пресудата на Кривичниот суд, почнала на почетокот од 2025 година, Ѓ.М. родила женско бебе во Општата болница во Куманово. При испишувањето од болница, бебето веднаш го презел А. М. 1, заедно со сопругата А. М. 2. Тој ден, кај нотар, Ѓ. М. потпишала однапред подготвена изјава дека А. М. 1 е татко на детето и дека му го остава на чување бидејќи заминува во Германија. Веднаш потоа таа примила значителна сума пари во готово, која ја депонирала на својата сметка преку банкомат. ДНК-анализата подоцна покажала дека А. М. 1 воопшто не е биолошки татко на детето. Кратко по предавањето, Ѓ. М. се премислила, барала да си го земе детето назад, а кога одбил А. М. 1, таа поднела кривична пријава – настан што на крајот ја открил целата шема. Во текот на постапката, Судот утврдил дека немало никаква љубовна врска помеѓу А. М. 1 и Ѓ. М. И дека сѐ било однапред испланирана трговија со дете, организирана со посредство на Ф. А., додека Ѓ. К. знаела за целата работа, но никогаш не пријавила. На крајот, Судот ги прогласи сите за виновни: Ф. А. доби 8 години затвор, А. М. 1 – 7 години, Ѓ. М. – 6 години, А. М. 2 – 4 години, а Ѓ. К., за непријавување на кривичното дело – 6 месеци затвор.
Но, во дел од пресудата се заклучува дека згрижувачката била дел и во други случаи, како што пишуваше ВЕЧЕР. Впрочем, од анализата на телефонската комуникација произлегло дека ова не е прв и единствен случај во кој Ф. А. посредувала при продажба на деца. Според пресудата, лице, преку обвинетата Ѓ. К., барало да биде известена Ф. А. дека „започнал пет бебиња“ и дека таа треба да најде клиенти. Судот наведува и комуникација меѓу Ф. А. и друг потенцијален клиент во која станува збор за трошоци за кирија, нотар, храна и лекарски прегледи, при што се разменуваат и фотографии од бебе, што, според пресудата, укажува на сериозна вклученост на Ф. А. во посредување при продажба на штотуку родени бебиња.
Во своја одбрана, таа кажала дека го правела тоа од алтруистички побуди, да им помогне на паровите да ги избегнат административните бариери при легалното посвојување.
– Обвинетата Ф.А. во своја одбрана кажа дека не знае ништо за предметот, дека таа е 26 години згрижувач на деца во Центарот за деца без родители, како и дека досега има згрижено на документ 20 деца, а дека згрижувала и ургентно, во секое време, на пократок период. Во однос на настанот, кажа дека дошле луѓето, мислејќи на А. и М., да ја прашаат што документи треба за А. да му биде старател на бебето на М., а неа ѝ се обратиле бидејќи таа работела со тоа и ја знаела процедурата – се бранела обвинетата пред Судот.
Ако во случајот од пресудата биле во игра 4.000 евра, во вториот, кој го објави полицијата неодамна, било продадено бебе за 500 евра. Според правилниците на центрите за социјални работи, згрижувачите се подложни на континуирани проверки од службите, увид во криминалното минато, семејните услови и психосоцијална процена. (П.А .)






