Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, итно го свика Штабот за заштита и спасување по големите штети што ги предизвика синоќешното невреме. Донесени се вонредни мерки, а на терен се ангажирани општинската администрација, хигиеничарите, претставници на МВР и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Меѓу донесените мерки се формирање комисија за проценка на штетите, задолжување на управителите и куќните совети да ги проверат зградите за можни безбедносни ризици, како и јавен апел до општествено одговорните компании да помогнат со тешка механизација за расчистување на последиците.
Хигиеничарите на ПОЦ се прераспределени во повеќе смени, а дел од општинските службеници се вклучени во расчистување на паднати дрвја, гранки и шут.
„Безбедноста сега е клучна. Мора да има координација меѓу куќните совети и станарите, а солидарноста и одговорноста мора да бидат на високо ниво. Нашите екипи на терен се поделени во две смени, а попладневната екипа е подготвена да реагира и доколку има ново невреме“, изјави Герасимовски.
Од Општина Центар информираат дека екипите работеле цела ноќ и продолжуваат со расчистување и денес. Со тешка механизација веќе се отстранети опасните лимени конструкции од покриви на повеќе критични локации – во Буњаковец, на улицата „Благоја Давков“, спроти „Рамстор“ и кај објектот на „Агромеханика“, додека паралелно се расчистуваат откорнатите дрвја и големите гранки за нормализирање на сообраќајот.






