домаМакедонијаГалијата кај „Холидеј Ин“ со години скапува во Вардар откако „потона“ во...

Галијата кај „Холидеј Ин“ со години скапува во Вардар откако „потона“ во судски постапки

- Advertisement -spot_img

Од трите галии во Вардар изградени во рамки на „Скопје 2014“, денес работи само една. Што се однесува до другите две, тие се нефункционални, при што за едната постои важечки договор со приватен субјект, додека другата веќе со години скапува, откако „потона„ со судско-правни лавиринти. Како што може да се види на лице место, таа е во исклучително лоша состојба, а од Град Скопје за „Фокус“ велат дека затекнале 2 судски процеси, од кои едниот неодамна е решен на апелационен суд во корист на Градот.

Од трите галии што своевремено беа изградени во реката Вардар во рамки на контроверзниот проект „Скопје 2014“, моментално функционира само една – онаа во средина, спроти Градскиот трговски центар.

Што се однесува до другите 2 галии, тие се нефункционални и запуштени, што особено важи за онаа близу „Холидеј Ин“ и спроти МНР, која се наоѓа во исклучително лоша и руинирана состојба.

Имено, станува збор за галијата што почна да се урива додека скопски градоначалник беше Петре Шилегов, меѓутоа тој процес остана на половина поради промена на локалната власт, како и поради правни постапки покренати од страна на сопственикот.

За потсетување, активностите за уривање на галијата започнаа на самиот крај на мандатот на Шилегов, кој, како што е познато, загуби на локалните избори во 2021 година од Данела Арсовска.

Веднаш по доаѓањето на Арсовска на чело на локалната самоуправа во Скопје, работници што работеа на демонтирање на галијата беа нападнати од лице кое, како што известуваа тогаш медиумите, е поврзан со бугарската компанија што се јавува како сопственик на галијата.

Со оглед дека состојбата околу овој објект веќе долги години е статус-кво, прашавме во Град Скопје каква е позицијата на моменталната градска власт на чело со Орце Ѓорѓиевски околу оваа руинирана галија, како и кон трите галии генерално?

Односно, прашавме дали тие треба да останат и да функционираат на постојните локации, или пак треба да се отстранат поради тоа што претставуваат ризик при евентуални поплави?

Од одговорите што ги добивме произлегува дека за галијата спроти ГТЦ која е единствено функционална, како и за онаа кај МЕПСО која долго време не работи, постојат важечки договори, додека третата галија кај „Холидеј Ин“ била предмет на 2 судски постапки.

„Позицијата на градската администрација е јасна во врска со галиите кои се наоѓаат во коритото на реката Вардар. За првата галија кај Холидеј Ин се затекнати 2 судски процеси, од кои едниот неодамна е решен на апелационен суд во корист на градот и пресудата е правосилна.

Изразуваме верување дека, имајќи ја во предвид судската практика, и вториот судски спор ќе биде решен исто така во корист на Град Скопје. Со ова се отвораат можностите и градот преку Јавното претпријатие Улици и патишта да презема подготвителни активности за отстранување на тој објект согласно правната регулатива“, ни одговорија од Град Скопје.

Инаку, овие галии или бродови во Вардар беа дел од милионскиот проект „Скопје 2014“ на владата на Никола Груевски, со кој се измени ликот на главниот град. При една од многуте измени на ДУП-от „Мал Ринг“, во време на Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови.

Така, на јавното наддавање во Град Скопје во 2012 година, кога скопски градоначалник беше Коце Трајановски, беа продадени 2 локации на фирмата „Фаланга“ – кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. И двете денес не работат.

Подоцна истата година, пак, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ до ГТЦ, т.е. спроти Археолошкиот музеј и меѓу двата пешачки моста. Денес, единствена оваа галија работи.

Всушност, за сите 3 бродови беа склучени договори со градските власти за поставување урбана опрема заради вршење угостителска дејност. Иако сопствениците првично имаа рок да ги стават во функција за 24 месеци, сепак, тие рокови не се почитуваа, па Градот им ги продолжуваше роковите со анекс-договори.

Во меѓувреме, пак, доаѓаше до одредени промени во сопственоста, така што нов сопственик на галијата кај „Холидеј Ин“ стана „Интек Мак“, за на крај бродот да го добие „Севрис АД“. Кога почна уривањето на бродот, од оваа компанија реагираа велејќи дека се е чисто и дека ги исполниле сите обврски, притоа барајќи фер судење.

Според Студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти, а галиите за третина ја намалиле проточноста на реката.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img