Скопската Клиника за гинекологија денеска соопшти дека обдукцијата на новороденчето покажала оти нема физички повреди на органите, а смртта настапила поради респираторна инсуфициенција предизвикана од респираторен стрес синдром и незрелост на белите дробови.
Клиниката истакнува дека семејството е лично информирано за наодите од обдукцијата. Министерството за здравство формираше стручна комисија која ќе го истражи случајот и ќе утврди дали имало неправилности во грижата за новороденчето. Согласно заклучоците на комисијата, Клиниката ќе постапи по сите законски пропишани процедури, вклучително и евентуална дисциплинска постапка.
Во соопштението, ГАК изразува длабока жалост и сочувство со семејството, нагласувајќи дека загубата се доживува како професионална и емотивна трагедија, со оглед на тоа дека вработените секојдневно се посветени на животите на новороденчињата.
Министерот за здравство, Азир Алиу, на прес-конференција апелираше јавноста да ги почека конечните извештаи од комисијата и другите институции пред да се носат какви било заклучоци.







