Министерството за енергетика, рударство и енергетика активирало околу 40 милиони денари или 650.000 евра банкарски гаранции на четири компании со фотоволтаици кои аплицирале за премии од Министерството за економија.
Министерката Сања Божиновска на брифингот со новинарите рече дека службите утврдиле дека овие компании не ги исполниле дел од обврските од договорот за премии, не ги изградиле централите на време и затоа министерството пристаполо кон одземање на парите и наплата на банкарските гаранции.
Пуцко Петрол, Сол Груп 5, ЕМК ДООЕЛ и СБН Енерџи останаа без лиценци за фотоволтаици.
Првите две компании се добро познати на јавноста: едната е на компанијата „Пуцко Петрол“, додека другата е Сол Груп 5 ДОО Скопје, во која како ко-сопственик се јавува Елена Ковачевска, сопругата на поранешниот премиер и сегашен пратеник на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Владата предводена од поранешниот премиер Димитар Ковачевски донесе одлука со која ја задолжи Општина Радовиш да и продаде на Сол Груп 5 државно земјиште за изградба на фотоволтаична централа по цена од 70 денари за метар квадратен.
Владината одлука за продажба на 1.119 метри квадратни земјиште во радовишкото село Раклиш на кое требаше да се гради фотоволтаична централа со капацитет од 1,8 мегавати ја потпиша тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, а Ковачевски тврдеше дека се изземал од гласање и не учествувал на седницата.
Според дополнителното образложение на министерството, овие фирми аплицирале на државниот повик и се стекнале со правото на користење на државни премии, но ги прекршиле одредбите од договорот затоа што не ги изградиле фотоволтаиците.
Правната служба на министерството утврдила дека нема оправдан застој за реализација на договорот и затоа министерството пристапило кон активирање на банкарската гаранција за компанијата на Елена Ковачевска и останатите три компании.
Инаку, фирмата лани забележала приходи од 838 илјади денари, а расходи од 492 илјади, со што, останала и добивка од 345.000 денари.
Не се знае дали приходот на фирмата е од друга дејност, бидејќи „Сол Груп 5“ ја нема во регистарот на компании кои имаат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика. Во фирмата, според официјалните податоци, нема ниту еден вработен.
Фирмата е основана во 2020 година, но се до 2024 година, немаше ниту приходи, ниту пак расходи.
Освен Ковачевска, сопственици во „Сол Груп 5“ се Димитар Тренчев, кој на фирмата и има продадено свое земјиште, Кирил Паунов, син на кумот на Ковачевски, како и Светлана Тунџева, сопруга на Борис Тунџев, ексдиректорот на Агенцијата за катастар на недвижности и Здравко Тумбоски, син на бизнисменот Загорац Тумбовски.









