Лос Анџелес Лејкерс подготвува уште една голема чест за човекот кој остави огромна трага во историјата на франшизата. Легендарниот тренер Фил Џексон ќе добие своја статуа пред домот на Лејкерси во Лос Анџелес. Свеченото откривање е закажано за 9 април 2027 година, непосредно пред натпреварот на Лејкерси против Минесота.
Со ова признание Џексон ќе стане деветтата личност чија статуа ќе се најде на „Стар Плаза“. Пред него оваа чест ја добија најголемите имиња во историјата на клубот, меѓу кои Меџик Џонсон, Карим Абдул-Џабар, Џери Вест, Елгин Бејлор, Коби Брајант, Шакил О’Нил и Пет Рајли, како и легендарниот коментатор Чик Хирн.
Џексон зад себе има неверојатна тренерска кариера во Лос Анџелес. Тој е рекордер на Лејкерси по бројот на победи во регуларниот дел од сезоната – 610, наспроти 292 порази.
Во два мандати, од 1999 до 2011 година, Џексон помина вкупно 11 сезони на клупата на „езерџиите“. Во тој период освои пет шампионски титули, а тимот го одведе до дури седум НБА финалиња. Особено импресивен е фактот што Лејкерси никогаш не останаа без плејоф додека Џексон беше нивен тренер.
Првата голема ера на Џексон во Лос Анџелес започна на почетокот на новиот милениум. Со Коби Брајант и Шакил О’Нил како главни ѕвезди, Лејкерси доминираа во НБА и освоија три последователни шампионски титули – во 2000, 2001 и 2002 година.
По паузата и разделбата со клубот, Џексон повторно се врати во Лос Анџелес и создаде нов шампионски тим. Овојпат главниот партнер на Коби Брајант беше Пау Гасол, а Лејкерси повторно стигнаа до врвот во 2009 и 2010 година.
Сопственичката и гувернерка на Лејкерси, Џини Бас, истакна дека Џексон одиграл огромна улога во враќањето на победничкиот менталитет и шампионското наследство на франшизата.
Статуата ќе биде изработена од скулпторот Омри Амрани, чии дела веќе се дел од комплексот околу арената.
Но, успехот на Џексон не е поврзан само со Лејкерси. Пред да пристигне во Лос Анџелес, тој остави неизбришлива трага и во Чикаго Булс. Со тимот предводен од Мајкл Џордан освои шест шампионски титули.
Со вкупно 11 НБА титули како тренер, Фил Џексон и понатаму е апсолутен рекордер во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот.
Неговото место меѓу најголемите во кошарката одамна е обезбедено. Џексон беше примен во Куќата на славните во 2007 година, а од април 2027 година ќе има и уште едно трајно признание – сопствена статуа пред домот на Лејкерси.






