Словачкиот премиер Роберт Фицо изрази загриженост поради можноста за директен конфликт меѓу Русија и НАТО и ја доведе во прашање подготвеноста на Словачка да биде вклучена во воен конфликт во рамките на обврските на Алијансата.
Во пресрет на посетата на Украина, Фицо оцени дека војната во таа земја „излегла од контрола“ и дека опасноста од конфликт што би го зафатил целиот европски континент никогаш не била поголема, објави „Киев Индипендент“.
„Да, ние сме во НАТО, но…“
„Не сакам Словачка да биде дел од вооружен конфликт поради некаков член 5“, изјави Фицо во словачкиот град Прешов.
Тој се осврна на членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој вооружен напад врз една или повеќе членки на НАТО се смета за напад врз сите членки.
Членот 5 предвидува дека секоја членка треба да му помогне на нападнатиот сојузник со мерки што ги смета за неопходни, вклучително и со употреба на вооружена сила.
„Да, ние сме во НАТО, го цениме тоа, а соработката и обврските ни се важни. Сепак, како премиер ќе направам сè што можам за да спречам Словачка да биде вовлечена во вооружен конфликт“, рече Фицо.
Фицо во повеќе наврати се спротивставуваше на испраќањето воена помош за Украина и повикуваше на прекин на борбите и дипломатско решение. Тој е меѓу малкуте актуелни лидери на земји членки на НАТО кои за време на војната се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин.
Фицо ги обвини европските земји за поттикнување на конфликтот
Словачкиот премиер ги обвини европските престолнини дека придонесуваат за продолжување на војната и оцени дека се бара „изговор за голем конфликт меѓу НАТО и Русија“.
Неговите изјави доаѓаат во период на зголемена загриженост во Европа поради руските хибридни активности и инцидентите поврзани со руските напади во близина на границите на Украина со земји членки на НАТО.
Фицо, полскиот премиер Доналд Туск и други европски лидери денеска патуваат во Украина на состанок со високи украински претставници.
Во Ивано-Франковската област од 18 до 20 септември се одржува првиот самит на т.н. „Карпатска осумка“.
Станува збор за регионален форум за соработка во кој учествуваат Украина, Полска, Словачка, Чешка, Унгарија, Романија, Австрија и Србија.






