Евакуираните цивили од украинскиот град Олешки пристигнаа во Белорусија.
Стотици цивили кои вчера беа евакуирани од место Олешки во јужна Украина, кое е под контрола на руските сили, со три авиони пристигнаа на аеродромот во градот Гомел во Белорусија.
Соочувајќи се со недостиг на храна, лекови, струја и вода, вчера попладне 527 локални жители со конвој од 25 автобуси го напуштија градот.
Тие прво беа однесени до местото Армјанск во северниот дел на Полуостровот Крим, кој е окупиран од Русија, од каде беа префрлени до бањата Анапа во Русија. Оттаму тие со авиони заминаа за Белорусија, од каде сега ќе треба да го продолжат патувањето кон Украина.
Не е познато колку од луѓето што го напуштија Олешки сакаат да заминат во Украина, а колку сакаат да останат на териториите под контрола на Русите. Се проценува дека по вчерашната евакуација во Олешки останале уште околу 1.000 луѓе.
Прекинот на огнот, кој беше прогласен со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп, истекува утре, по што се очекува продолжување на борбите меѓу руските и украинските сили во Олешки.
Сега руските власти го повикуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски ако сака преговори да оди во Москва и тврдат дека ќе му ја гарантираат безбедноста.
Војната во Украина трае скоро пет години. Русија ја нападна Украина на 24 февруари во 2022 година, со барање за денацификација, демилитаризација и Украина да ги признае како независни републиките Доњецк и Луганск.






