Европската унија собра 1,4 милијарди евра од профитот на замрзнатите средства на Централната банка на Русија и ќе ги префрли парите на Украина, објави денес Европската комисија.
Во соопштение за медиумите, Комисијата изјави дека денешната исплата е „петтиот трансфер од ваков вид“ и наведе дека досега генерирала вкупно осум милијарди евра неочекувани профити од руски средства, објавува „Политико“.
Се нагласува дека 95 проценти од новата транша ќе оди преку Механизмот за соработка со кредити за Украина, преку кој Киев ќе ги отплати кредитите добиени од ЕУ и Г7, додека преостанатите пет проценти ќе одат во Европскиот мировен фонд, со цел да се задоволат „итните воени и одбранбени потреби“ на Украина.
„Уште еднаш се будиме со вести за ужасните злосторства на Русија. Русија мора да плати за уништувањето што го предизвика, а ние ги користиме приходите од замрзнатите руски средства за да се осигураме дека тоа ќе го стори“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Европската унија замрзна повеќе од 210 милијарди евра од резервите на Руската централна банка, а од 2024 година, финансиските институции што ги поседуваат тие пари се должни да ги префрлат сите неочекувани профити што ги остваруваат во Брисел, од каде што парите се пренасочуваат кон Украина.






