домаМакедонијаЕрвин Никола: Македонците во Албанија се соочуваат со еден од најтешките периоди...

Ервин Никола: Македонците во Албанија се соочуваат со еден од најтешките периоди за зачувување на јазикот и идентитетот

- Advertisement -spot_img

Македонците во Албанија денес се соочуваат со сериозни предизвици во зачувувањето на својот јазик, култура и национален идентитет. Потребна е многу посилна институционална и политичка застапеност, но и поширок ангажман – од поединецот и медиумите, до највисоките државни институции.

Ова го истакнува новинарот Ервин (Григор) Никола, Македонец со потекло од селото Шулин во Мала Преспа, во интервју за македонскиот весник „Илинден“.

Никола предупредува дека македонскиот јазик може да опстане само доколку се зборува, се изучува и се пренесува на младите генерации. Особено загрижувачки, според него, е иселувањето на младите од Мала Преспа и од Албанија во потрага по подобар живот.

„Јазикот има потреба од луѓе за да преживее. Децата треба да го учат во училиште и да го пренесуваат на генерациите“, вели Никола.

Тој се осврнува и на наследството на неговиот покоен татко, Фото Никола, познат активист на Македонското национално малцинство, кој својот живот го посветил на образованието, информирањето и зачувувањето на македонскиот јазик и култура во Албанија.

Говорејќи за состојбата во Преспа, Никола упатува критики до локалната самоуправа, посочувајќи ги проблемите со патиштата, водоснабдувањето, здравството, училиштата и јавните услуги.

„Како може сè уште да се зборува за вода и патишта? Како може да недостасуваат интервенции и инвестиции во секое село? Шулин остана ист, како што беше пред 10-15 години“, вели тој.

Според Никола, медиумите имаат значајна улога во зачувувањето на македонскиот идентитет, но во Албанија недостасува посериозно и континуирано медиумско внимание кон македонската заедница, не само во периоди на избори.

Тој смета дека е неопходно да се зајакне и политичката застапеност на Македонците во Албанија.

„Време е силно да затропаме на вратите на државата и Европа“, порачува Никола, нагласувајќи дека европската интеграција на Албанија отвора можност за дополнително унапредување на правата на националните малцинства.

Никола не ја исклучува ниту својата директна политичка ангажираност.

„Да, дефинитивно! Мојот татко беше еден од иницијаторите на првото здружение. Ќе го следам неговиот пат, дури и со поголема посветеност и решителност. Не сакам ангажман за да имам корист, туку барам ангажман за да правам добро“, вели тој.

За иднината на македонската заедница, Никола смета дека Преспа има голем потенцијал за развој на туризмот и економијата, доколку се реализираат вистински инвестиции и сериозна развојна програма.

На младите Македонци им порачува да го чуваат својот идентитет, јазик, култура и традиции.

„Ако го изгубиме нашиот идентитет, сме изгубиле сè. Нема богатство на светот што може да ја замени гордоста и зачувувањето на идентитетот“, порачува Никола.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img