Влијанието на отпадот врз човековата околина е огромно – од директни закани по здравјето на луѓето, преку деградација на животната средина, па сè до сериозни социо-економски последици. Годишно, во Северна Македонија се создаваат околу 1,4 милиони тони отпад, што претставува значителен товар по глава на жител.
Како одговор на овој предизвик, ОТИ ГРУП го претставува проектот „Еко Едукација“, едукативен веб портал достапен на eco-edu.ngo, кој има за цел да ја зголеми свесноста и знаењето за правилно управување со отпадот кај домаќинствата, компаниите и учениците.
Отпадот претставува материјал или супстанца што се отфрла, и може да биде опасен или неопасен. Опасниот отпад содржи токсични, запаливи или реактивни материи и носи значителен ризик по здравјето и природата. Неопасниот отпад, пак, ако не се управува правилно, создава пренатрупани депонии и долгорочно загадување.
Порталот „Еко Едукација“ нуди практични информации за селекција, складирање, рециклирање и правна регулатива, како и база на компании кои собираат и рециклираат отпад.
Со овој проект, ОТИ ГРУП придонесува кон одржлив развој и подобрување на еколошките практики во земјата.









