Дваесет и шестгодишен скопјанец почина откако синоќа беше застрелан во скопската населба Дуќанџик. Пукањето се случило околу 23:30 часот во близина на крстосницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“.
Според информациите од МВР, во моментот на нападот пред излог на фирма стоеле пет лица од Скопје – Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26).
Во еден момент до нив застанал мотоцикл на кој имало две лица. Од мотоциклот било пукано со огнено оружје кон групата, по што напаѓачите побегнале.
Еден од проектилите го погодил А.М. (26). Тој бил пренесен со возило на Итната медицинска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, но и покрај укажаната медицинска помош починал од здобиените повреди.
Засега нема информации за идентитетот на напаѓачите, ниту за мотивот за нападот.Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.(П.А.)






