По објавата на ,,Фокус“, дека првиот осуденик кој биде во куќен затвор и ќе носи електронска алка во државата е 79-годишен велешанец, и министерот за правда Игор Филков ја промовираше новината, споделувајќи ја информацијата.
Тој појаснува дека осуденикот ќе има право да излегува два часа дневно.
-79-годишен осуденик од Велес ќе издржува 3 месеци домашен притвор со електронска алка на глуждот – прва ваква мерка во нашето правосудство.
Ќе може да излегува по 2 часа дневно, но движењата му ќе бидат под строго следење преку GPS и сигнални уреди.
Ова е само почеток на новиот систем за електронски надзор – чекор кон похумано, поефикасно и побезбедно извршување на санкциите.
-Алтернатива на затвор
-Намалување на пренатрупаноста
-Подобра ресоцијализација
-Поголема безбедност за граѓаните, вели министерот Филков.
Тој додава дека Министерството за правда веќе подготви предлог-закон за пробација кој ќе ја прошири примената на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда – под буден, но хуман надзор.
,Фокус” веќе објави дека велешанецот е осуден на тримесечна затворска казна за полово вознемирување.
-Првата пресуда со која е изречен куќен затвор е донесена од страна на велешкиот суд. Истата се однесува за 79 годишно осудено лице на кое му е изречен куќен затвор во траење од 3 месеци. Лицето бараше судот да го одложи извршувањето, но истото е одбиено, што значи дека пресудата набрзо ќе почне да се извршува, односно по подготовка на индивидуална програма од страна на пробациски службеник ќе биде поставена опремата за електронски надзор на осуденото лице, ни одговорија од Управата за извршување на санкции.






