ДУИ реагира на составот на македонската делегација на Самитот на НАТО во Турција, наведувајќи дека во неа нема ниту еден претставник Албанец.
Од партијата оценуваат дека ваквиот состав на делегацијата е „одраз на политички менталитет кој ја гледа државата како сопственост на една етничка заедница, а Албанците само како внатрешен декор“.
„Северна Македонија е мултиетничка држава и членка на НАТО благодарение на политичката архитектура изградена врз еднаквост, соодветна застапеност и Охридскиот рамковен договор. Државните делегации треба да ја одразуваат реалноста на државата, а не да ја избришат“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, исклучувањето на Албанците од највисокото меѓународно претставување испраќа погрешна порака до граѓаните и сојузниците.






