Демократската унија за интеграција реагира на фотографиите објавени од паркингот на Министерството за внатрешни работи, а на кои се гледа осветување на новите службени полициски возила. Според партијата, ова не е традиција, туку, како што велат, јасно кршење на принципот на секуларна држава.
„Обредот не е извршен во приватен простор или верски објект, туку во полицискиот двор, на службени државни возила, во рамките на институција за јавна безбедност. Таквото дејствие е целосно неприфатливо во држава која е секуларна по Устав“, велат од ДУИ.
Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени, потврди дека настанот бил извршен од неколку припадници на една сообраќајна полициска единица, во соработка со верско лице, и дека тоа не го претставува официјалниот став на Министерството.







