Владата им дозволи на Американците да истражуваат колку количества антимон останале во рудникот „Крстов дол“ кај селото Луке, Крива Паланка. За 5 милиони долари, тоа ќе го прави австралиска компанија, која ја предводи директор со менаџерско потекло и која влезе во бизнисот со производство на струја заедно со МПЦ. Инаку, рудникот „Крстов дол“ не работи повеќе од 50 години, но јаловината од поранешната експлоатација и понатаму е извор на загадување.
Во седиштето на државната агенција на САД за финансирање на меѓународен развој (ДФЦ), во Вашингтон, се одржа свечено потпишување на договор за финансиска поддршка во износ од пет милиони долари, наменети за истражување критични минерали во Македонија, односно на реткиот минерал антимон.
Договорот беше потпишан помеѓу Конор Колман, раководител на инвестиции во DFC, и Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“. На настанот присуствуваше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, но членовите на владата беа само дел од церемонијата, со оглед на тоа дека австралиската компанија „Пела глобал лимитед“ и државната агенција на САД ги договориле претходно условите што ќе истражуваат и на која локација ќе истражуваат.
Рудникот за антимон во близина на кривопаланечкото село Луке беше најавен од премиерот десетина дена пред да замине делегација во Вашингтон, како дел од стратешкиот дијалог со САД, при што Христијан Мицкоски рече дека американска компанија ќе експлоатира руда антимон во Кривопаланечко, која потоа ќе се преработува во топилница во сојузната држава Оклахома.
–Рудата антимон ќе се експлоатира близу до кривопаланечкото село Луке. Тоа е редок минерал, кој може да значи многу за нашата економија. Истражувањата се прикрај. Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома. Тоа е нешто што е многу важно за нашата држава и за нас како граѓани, информираше премиерот Мицкоски.
На неколку прес-конференции деновиве, Мицкоски постојано ја потенцираше важноста од отворањето на ваков рудник и притоа ги разгневи екоактивистите и граѓаните, но и дел од стручната јавност. Сите, па и Мицкоски, знаат дека жителите на селото Лојане во Општина Липково сè уште ги трпат последиците од штетното влијание на антимонот, иако рудникот, втор во Македонија за антимон, во нивна близина е затворен повеќе од четири децении.
Но, владата е решена да го истера проектот до крај и да им дозволи на Американците да ископуваат антимон во стариот рудник „Крстов дол“, каде што во 60-тите и во 70-тите години од минатиот век се копало и преработувало антимон.
Во рудникот „Крстов дол“, сместен на 20 км од Крива Паланка, иако не работи повеќе од 50 години, јаловината од поранешната експлоатација и понатаму е извор на загадување на површинските води. Рудникот и флотацијата повеќе не се користат, а неговите објекти се уништени.
Некогаш во него и во изградената флотација работеле 120 жители на околните села. Во флотацијата била обработувана антимонова руда. Освен тоа, била преработувана и молибденова руда донесена од Турција. Во мало количество била обработувана и руда на антимон од рудникот „Алшар“, во околината на Кавадарци, која содржела висок процент на арсен.
КОЈА Е ФИРМАТА ШТО ЌЕ КОПА?
Еден од потписниците на договорот во Вашингтон е Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“, компанија од Австралија која се занимава со наоѓање злато, сребро и антимон.
Јовановски е Австралиец со македонско потекло и сопственик на компанијата „Пела глобал лимитед“, која веќе ги реализира своите бизнис-интереси во Македонија во полето на рударството и на енергетиката. Оваа компанија, заедно со Македонската православна црква, на 27 јуни 2025 година формирала заедничка фирма за производство на електрична енергија од обновливи извори, „Константин Енерџи ДОО Скопје“, а директор е, исто така, Ник Јовановски.
На официјалната веб-страница на „Пела глобал лимитед“ пишува дека „стратегија на оваа компанија е унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон во „Крстов дол“, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке“.
–Пела Глобал Лимитед е австралиска компанија за критични и скапоцени метали фокусирана на одговорен развој на минерални ресурси низ металогениот појас Тетијан во Југоисточна Европа. Нејзините проекти вклучуваат:
Проект за антимон Крстов Дол (Северна Македонија) – Проект во напредна фаза чија цел е производство на висококвалитетен концентрат од антимон од историски производствена локација, стратешки позиционирана за поддршка на западните цели за снабдување со критични минерали.
Проект за злато Самар (Северна Македонија) – Висококвалитетен полиметален систем со потврдена минерализација на злато, сребро, олово, цинк и бакар, кој нуди силен потенцијал за истражување и развој“, се вели во образложението на компанијата.
Според проценките на фирмата „производството на концентрат од антимон во Македонија има потенцијал да стане една од најголемите операции за рударство на антимон во светот“.








