Полициски службеници во Штип лишиле од слобода три лица и заплениле марихуана, бела прашкаста материја, пари и други предмети во акција поврзана со недозволена трговија со дрога.
Од МВР информираат дека на 8 август околу 22 часот, на Штипски сокак, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип ги затекнале М.Б. и 24-годишниот М.Џ.У. од Турција, со привремен престој во Штип, при продажба на марихуана на 23-годишниот Ф.Р. од Штип.
Ф.Р. бил лишен од слобода, а кај него била пронајдена марихуана. М.Б. и М.Џ.У. се обиделе да избегаат, но М.Џ.У. набргу бил фатен и лишен од слобода. Кај него биле пронајдени марихуана и нож.
По известување на јавен обвинител и судија на претходна постапка, полициски службеници извршиле проверка во домот на М.Б., каде ја затекнале 21-годишната А.Б. од Турција, исто така со привремен престој во Штип. При проверката биле пронајдени неколку ќеси и повеќе пакувања со марихуана, бела прашкаста материја и дигитална вага.
М.Џ.У., А.Б. и Ф.Р. биле задржани во полициска станица. Следниот ден, со судска наредба, бил извршен претрес во домот во кој престојувала А.Б., при што биле пронајдени и одземени марихуана, дробилка, пари во различни валути и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
Во врска со случајот е поднесена кривична пријава, а на М.Џ.У. и А.Б. им е определена мерка притвор.






