Владата ќе ги избира директорите според Законот за високи раководители, а постапката за нов директор ќе мора да започне најдоцна шест месеци пред истекот на мандатот.
Директорите на државните инспекторати од први октомври ќе се избираат според правилата утврдени со Законот за високи раководители, а нивниот мандат ќе биде продолжен од досегашните четири на пет години. Ова е предвидено со предложените измени на Законот за инспекциски надзор, со кои се менува начинот на избор, условите за именување и разрешувањето на директорите на државните инспекторати.
Една од клучните промени е укинувањето на досегашната постапка според која Владата требаше да објавува јавен оглас за избор на директор на својата веб-страница и во најмалку два дневни весници. Наместо тоа, изборот ќе се спроведува согласно со Законот за високи раководители.
Со државниот инспекторат и понатаму ќе раководи директор, кој ќе го избира и разрешува Владата, но постапката ќе биде усогласена со новиот законски модел. Со измените се воведува и рок за започнување на постапката за избор. Постапката за именување на нов директор ќе треба да се спроведе најдоцна шест месеци пред истекот на мандатот на актуелниот директор.
На овој начин предлагачот предвидува да се обезбеди навремен избор на нов раководител и да се избегне подолг период без избран директор.
Друга значајна промена е должината на мандатот. Наместо досегашните четири години, директорите ќе имаат мандат од пет години, со можност за уште еден последователен избор. Тоа значи дека еден директор, доколку повторно биде избран, би можел да ја извршува функцијата најмногу два последователни мандати.
Се менуваат и условите за именување. Со новото решение, наместо детално набројување на условите во Законот за инспекциски надзор, се упатува на условите утврдени со Законот за високи раководители.
Во образложението на предлогот се наведува дека ќе постои и посебен услов во однос на потребното работно и раководно искуство, како и обврска за активно познавање на компјутерски програми.
Нови правила и за разрешување
Се менува и начинот на кој директорот може да го изгуби мандатот. Пред истекот на мандатот, разрешувањето ќе се врши согласно со Законот за високи раководители. Во образложението на предлог-законот дополнително се наведува можност за разрешување на предлог на надлежниот министер, меѓу другото, доколку има недоволна реализација на програмата за работа или незадоволително извршување на надлежностите на инспекторатот.
Досегашниот закон предвидуваше конкретен праг, директорот можеше да биде разрешен доколку инспекторатот не реализирал најмалку 70 отсто од програмата. Како причини за разрешување досега беа предвидени и барање на директорот, правосилна судска пресуда за кривично дело или забрана за вршење професија, загубена деловна способност и повреда на правилата за судир на интереси и спречување на корупција.
Со новите измени се предвидува и решение за периодот меѓу престанокот на мандатот и изборот на нов директор. Владата ќе именува вршител на должноста директор до изборот на нов директор. Со тоа треба да се обезбеди непречено функционирање на инспекторатот и во случај мандатот на директорот да заврши, а новиот директор сè уште да не е избран.
Предлог-законот треба да се донесе по скратена постапка. Законот би стапил во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 октомври 2026 година.






