Со стартот на новата градежна сезона, започна реализацијата на уште еден значаен проект во Битола – изградба на спортски игралишта во дворот на ОУ „Даме Груев“.

Како што информираше секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, станува збор за проект кој се реализира во рамки на вториот владин повик, преку Министерство за образование и наука.

Проектот опфаќа изградба на отворени повеќенаменски спортски терени во училишниот двор, наменети за ракомет, кошарка и одбојка, со вкупна површина од 1.311 метри квадратни.
Дополнително, предвидено е поставување на современа тартан подлога со дебелина од 13 милиметри, додека вкупната асфалтна површина ќе изнесува 2.081 метар квадратен.

Инфраструктурното уредување ќе опфати и изградба на пешачка патека од бехатон со површина од 294 метри квадратни, уредување на пристапниот дел до игралиштата, обезбедување паркинг простор, како и хортикултурно уредување и поставување урбана опрема.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.507.414 денари.
Со овој проект, ОУ „Даме Груев“ се приклучува кон листата на основни училишта во општината кои добиваат нови и модерни спортски терени, во насока на подобрување на условите за спорт и физичка активност кај учениците.
Општината потенцира дека вложувањата во образовната инфраструктура остануваат приоритет, со цел создавање современа и квалитетна средина за развој на младите.








