Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска и утре ќе престојува во Истанбул, Турција, каде ќе учествува на Истанбулскиот економски самит 2025, на кој се очекува присуство на високи претставници од влади, меѓународни организации, бизнис секторот и академската заедница.
На самитот, Димитриеска-Кочоска ќе има воведно обраќање на тема „Нова рамнотежа и глобална соработка“, со кое ќе ги потенцира актуелните предизвици со кои се соочува светската економија и значењето на градењето силни економски врски меѓу државите.
Во рамки на дведневната програма, на 12 декември министерката ќе се обрати и на панел-дискусијата „Нови текови на глобалните финансии: нова рамнотежа, дигитални валути и економски партнерства“. Темите на оваа сесија се однесуваат на иднината на финансиските системи, растечката улога на дигиталните валути и развојот на економски партнерства меѓу државите.
Самитот е насочен кон преговори и размени на идеи за економски политики кои ќе поттикнат одржлив раст, зајакнување на меѓународната соработка, развој на зелена економија, дигитална трансформација и улогата на образованието во привлекувањето странски инвестиции.
Учеството на Димитриеска-Кочоска на овој глобален форум ќе овозможи размена на искуства и согледување на најдобрите меѓународни практики, што може да придонесе за понатамошно зајакнување на македонските економски и финансиски политики.









