Дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и зајакнувањето на сајбер-безбедноста се меѓу клучните приоритети на економската и фискалната политика на државата, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на конференцијата „The Economist MeetUp – The World Ahead“, која денеска се одржа во Скопје.
Обраќајќи се пред претставници на институциите, бизнис заедницата и меѓународните партнери, министерката нагласи дека во услови на глобални економски и геополитички предизвици и брзи технолошки промени, ваквите форуми се од особено значење за градење отворен дијалог и креирање заеднички решенија за стабилна и конкурентна економија.
Според неа, Владата и Министерството за финансии се фокусирани на модернизација на институциите, поттикнување иновации и обезбедување одржлив економски раст, со цел надминување на долгогодишните структурни слабости кои влијаат врз продуктивноста, конкурентноста и довербата во јавниот сектор.
Димитриеска-Кочоска потенцираше дека дигитализацијата придонесува за поефикасна и потранспарентна администрација, намалување на бирократските процедури и подобрување на деловната клима, додека сајбер-безбедноста претставува основа за сигурен и стабилен финансиски систем. Вештачката интелигенција, пак, како што рече, веќе создава нови можности за индустријата, финансискиот сектор и пазарот на труд.
Овие приоритети, додаде таа, се интегрирани во Националната развојна стратегија 2024–2044, која ја дефинира долгорочната визија за економски и општествен развој на државата, со акцент на јакнење на човечкиот капитал и изградба на функционални и отпорни институции.
Во делот на фискалната политика, министерката најави дека за периодот 2026–2030 година ќе се спроведува постепена фискална консолидација, со одржување на стабилна и дисциплинирана јавна финансиска рамка, паралелно со високо ниво на капитални инвестиции, особено во инфраструктурата и дигиталниот развој.
На крајот, Димитриеска-Кочоска испрати порака до бизнис заедницата и инвеститорите дека Северна Македонија нуди стабилно и предвидливо деловно опкружување, со јасна визија за раст, институционална поддршка и партнерски пристап кон инвестициите и иновациите.







