домаШоубизДенешниот македонски театар претпочита леснотија, а не публика која ќе излезе обременета...

Денешниот македонски театар претпочита леснотија, а не публика која ќе излезе обременета со прашања кои бараат одговор; Трибина на МТФ „Војдан Чернодрински“

- Advertisement -spot_img

„Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“ беше тема на трибината што се одржа вчера во рамки на четвртиот фестивалски ден на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

„Што е поопасно за едно општество: Дали е тоа конфликтот кој проилегува од овој отворен јавен дијалог, или, пак, удобноста на молкот и резигнацијата?“ Вака модераторката Христина Цветаноска-Станкоска ја испровоцира дискусијата на почетокот на трибината.
-Францускиот социолог Жан Дивињо вели: театарот не е само театар. Тој не е само естетски чин, туку претставува активен чинител за заедницата. Ако ја прифатиме оваа претпоставка како таква, претпоставувам дека ни е јасно дека сѐ почесто треба да си го поставуваме прашањето за функцијата, за улогата на Театарот вон заедницата. И од позиција на активни дејци во театарската уметност, но и од позиција на публиката. На ова прашање ќе се обидеме да му пријдеме од различни агли на трибината „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“. Во рамките на Фестивалот и неговото мото „Храбриот нов театар“ имаме можност да отвориме низа важни прашања за улогата на театарот денес, истакна Цветаноска-Станкоска.

„Кога зборуваме за храброст на театарот, често мислиме на нова естетика, испробување нови форми, експерименти на сцената. Ама подеднакво важно е да се запрашаме дали театарот денес има храброст да влезе во директен дијалог со македонскоото општество“.

Теоретичарката на уметноста и професорка на ФДУ, Искра Гешоска, пак, нагласи дека Фестивалот е многу значаен за државата и многу е важно во годишното стратешко планирање да го пренесе ставот како театрите понатаму треба да фукнционираат и каде е грешката.

– Растев со театарот и ми беше дурбин за откривањето на разните детали на светот. Моето сознание било дека Театарот е уметност на пукнатините на молкот. Тоа е просторот каде зборот престанува да се плаши од сопственото ехо. Театарот, по дефиниција, е дијалог. Но, помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк се протега една невидлива сцена. Повеќе од јасно е дека театарот би станал обезбачен ако не стои бодро, храбро, наспроти стравот, наспроти фројдовски кажано, неугодното во културата. Како интердисциплинарна уметност, театарот оперира со разни полиња на моќта. Ама, како да се плашиме тоа да го изустиме, да го живееме, зашто е голема одговорност. За жал, особено денеска, театарот често знае да западне во удобниот молк. А тој политички, општествено е оложување на говорот кој овозможува привид на социјална подвижност. Во македонскиот контекст постои системска тенденција, институционалниот театар да ја симулира критичноста, да зборува слободно под наводници за теми кои веќе се безбедни за зборување. Ова не е слобода. Денешниот македонски театар честопати се плаши од брехтовската резолутност. Претпочита топлина, идентификација, леснотија, а не публика која ќе излезе од театарот обременета со бројни прашања кои бараат одговор, смета Гешоска.

Режисерката и професорка на ФДУ, Зоја Бузалковска низ конкретните сопствени примери и заложби преку театарските проекти да поттикне општествени прашања, загриженост и решенија, смета дека сѐ уште го сфаќа театарот како место на општествени промени.

-Неколкупати го користев театарот за инсценирање ситуации со професионални актери, врзани со малолетната деликвенција за потребите на организирање испит, за медијатори на државно ниво. Се уверив дека театарот може толку да се доближи до животот, што границата во еден момент и сосема да се избрише. Работев во симулациска обука во борбата за справување со трговијата со луѓе, го користев театарскиот јазик за да проговорам за ситуацијата со бегалците. Секаде, без исклучок, ефектот беше фасцинантен. Но, она што најмногу сакам да го правам е да ги поместувам нештата од онаму каде што е најтешко, а каде се крие најголемата моќ за промена, а тоа е сцената на институционалниот театар. Театарот сериозно може да му се замеша на животот. Не само преку документарниот театар, преку удобното, преку форум театарот. Јас сѐ уште го сфаќам театарот, можеби наивно, како место на промени. За мене е промена кога некои луѓе од публиката демонстративно ќе си заминат од претставата. На пример, за мене беше голема победа на претставата кога цело семејство ја напушти зашто се говореше за семејното насилство и за инцестот. Сметам дека не е затоа што претставата е естетски лоша, туку зашто вознемирува, иритира, плаши и ја погаѓа темата, рече Бузалковска.

Додава дека театарот мора да ризикува, да оди по тесна греда, да прави публиката, одвреме-навреме, да го задржи здивот како на добра акробација на трапез каде акробатот може да си го скрши вратот ако направи макар и најмала грешка.

-Најмногу успеале претставите кои додека ги гледате, се фаќате за глава. Претставите кои и по години не нѐ оставиле спокојни, не само со својата естетска вредност, туку и со сето преиспитување кое го покренале во нас, тој отворен дијалог, кој којзнае дали некогаш ќе биде затворен, се театарот кој сакам да го гледам, додава професорката и режисерка Бузалковска.

Кристина Леловац, актер и професор на ФДУ смета дека независниот театар доволно не ја користи институционалната сцена, туку мисли дека надвор од неа може повеќе да се направи. Најавува фронт на „независните“ кој отворено треба да проговори.

-Без разлика што македонскиот независен театар ги има сите обележја кои, вообичаено, ги имаат сите независни театри, сепак доволно не се искористува институционалната сцена. Има многу форми да се учествува во театарот. Вистината е дека културната сцена се создава во рамките на условите. Бранењето да се биде на независната сцена е многу политички опасно. Допрва ќе треба да се самоекипираме. Гледам некаква надеж во тоа поврзување на независната театарска сцена. Фестивалот се труди да ја држи отворена таа програма. Независната сцена е таа која доаѓа да ги реформира театарските сцени. Ќе се обидеме да направиме некаква форма, сојуз, платформа од која ќе дејствуваме заеднички, и не само за вработување туку, пред сѐ, за внатрешна еманципација, вели Леловац.

Драмскиот писател Сашо Димоски признава дека неговата работа, главно, се одвива во институционалниот театар, а институционалната форма на театарот не може да се замисли без зборот политичка.

-Но, театарот мора да одговори на кризата и да се промени. Ние некако, попатно, сме го загубиле сопствениот театарски идентитет. Мислам на оној кој се развива во институциите. Тоа е така зашто во еден момент престанал да го негува основниот кодекс за тоа што е институционално. Самиот факт дека имаме хронично отсуство од македонски авторски текстови, ние не може да зборуваме за прогресот и развојот на нашиот театар. Националниот театар, во која било негова рамка, е основата за домашната драма. Институционалниот театар може да биде место за развивање на својата естетика, место за поттикнување за развој на ново мислење. Но, сепак, ќе речам дека станува збор за политичка одлука. Мене ми е важно дека сум се обидел, заедно со своите колеги, да работам на изнаоѓање на еден поинаков театарски јазик. Театарот, генерално, мора да реагира на таа криза за да се промени, повторно да се обмисли себе си. Само на ваков начин, преку храбриот и нов театар можеме да зборуваме за поместувањата кои може да ги направат дејците во рамките на институционалниот театар, истакна Димоски на трибината насловена „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img