Демократскиот сојуз, по повод најновиот Извештај на Европската Унија за состојбите во судството, оцени дека реформите во правосудниот систем мора да продолжат со засилено темпо, нагласувајќи дека независно, ефикасно и одговорно судство е клучен предуслов за владеење на правото и напредокот на државата во процесот на европската интеграција.
Во партиското соопштение се наведува дека Демократскиот сојуз се залага за ограничување на мандатот на судиите и нивен реизбор на секои седум години, оценувајќи дека сегашниот доживотен мандат не обезбедува доволна одговорност и не ја зајакнува довербата на граѓаните во судскиот систем.
Партијата предлага и уставни измени со кои судиите би можеле да сносат кривична одговорност за донесени судски одлуки доколку тие се резултат на злоупотреба на судиската функција, корупција или намерно кршење на законот.
„Независноста на судството не смее да биде злоупотребена како заштита од одговорност“, се наведува во соопштението.
Во однос на финансирањето на судството, Демократскиот сојуз оценува дека платите и надоместоците на судиите треба да бидат во согласност со реалните можности на државниот буџет и со потребите за финансирање на другите јавни функции. Според партијата, независниот судски буџет не треба да биде оправдување за високи примања или злоупотреба на прекувремена работа, дневници и бонуси.
ДС истакнува дека граѓаните очекуваат судството конечно да испорачува правда, наместо условни казни за политички и бизнис моќници, потенцирајќи дека законот мора да важи подеднакво за сите, а сторителите на тешки кривични дела и висока корупција да бидат соодветно санкционирани.
Во соопштението се бара и Јавното обвинителство значително да ги засили истрагите, особено во предметите поврзани со високата корупција и организираниот криминал, со цел да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Од Демократскиот сојуз порачуваат дека без темелни и храбри реформи во судството нема владеење на правото, нема успешна борба против корупцијата и нема вистински напредок на Македонија на патот кон членство во Европската Унија.






