Во јуни следната година, непосредно пред следната туристичка сезона, Црна Гора и Албанија – ќе се приклучат на заедничкиот пазар кога станува збор за телекомуникациските трошоци.
Оттогаш, како што пишува регионалниот бизнис портал „СЕЕбиз“, тие треба да почнат да применуваат заеднички правила за „роаминг како дома“ на Европската унија, односно да им овозможат на своите граѓани да остваруваат телефонски повици низ цела ЕУ по исти цени како и во нивната матична земја.
Во новинските извештаи не се споменува Македонија, иако оваа иницијатива беше покрената на ниво на цел Западен Балкан.
На 1 јули годинава, еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос, на лидерскиот самит на Европската унија и земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст во Скопје најави дека од 1 јануари 2026 година, ако има реформи, земјите од Западен Балкан ќе имаат можност за бесплатен роаминг со Европската унија.
Меѓутоа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која деновиве беше на турнеја низ земјите од Западен Балкан, не ја спомена Македонија како дел од овој пакет, туку тоа го направи за Албанија и за Црна Гора.
За време на посетата на Тирана, таа изјави дека сите такси за роаминг меѓу Албанија и ЕУ ќе бидат укинати почнувајќи од следната година, како дел од планот за унапредување на дигиталната интеграција на Западен Балкан.
„Постигнавме договор со операторите во 2023 година, а следната година ќе ги отстраниме сите такси за роаминг меѓу Албанија и ЕУ“, рече Фон дер Лајен на отворањето на Инвестицискиот форум ЕУ-Западен Балкан во Тирана, како што се гледа во видео на Фејсбук објавено од албанскиот премиер Еди Рама.
Во однос на нашата земја, Лајен по средбите што ги имаше во Скопје на социјалните мрежи напиша дека земјава од ЕУ добила 16 милиони евра за направените реформи, како и дека во Скопје ќе биде отворена фабрика за вештачка интелигенција (проектот наречен „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција (ВИ) во вредност од околу 6 милиони евра кој треба да се реализира со финансиска поддршка од ЕУ), а ја спомена и СЕПА – Единствената платежна зона на Европа. Но, укинувањето на роамингот не беше споменато.
Инаку, уште во октомври 2023 година, Декларацијата за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан ги обврза локалните телекомуникациски оператори и влади во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Косово постепено да ги укинуваат таксите за роаминг меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.
Еврокомесарката Кос во јули рече дека ако навистина земјите работат трудољубиво, ќе има многу реформи кои ќе ги сменат законите и ќе може да има бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан од 1 јануари 2026.
„Со тоа, вашите граѓани ќе можат да комуницираат без дополнителни трошоци кога ќе патуваат во земјите од Европската Унија“, кажа Кос.
Во јули 2021 беше укинат роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, односно помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
Инаку, на неодамна одржаниот Дигитален самит во Скопје, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, рече дека ЕУ дала насоки како државите од Западен Балкан да пристапат кон оваа придобивка.
„Ние нашите обврски ќе ги завршиме до декември 2025 и очекувам наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани. Главна беше измената на Законот за електронски комуникации за исполнување на клучните регулативи и директиви на ЕУ што ние веќе го направивме летово. Остануваат уште неколку подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на годинава и со тоа ќе ги исполниме условите. Во напредна фаза сме, го изработивме нашиот Акциски план и мислам дека ќе бидеме први од регионот“, рече Андоновски.
Дали токму во оваа изјава лежи одговорот зошто Македонија нема да биде во првиот пакет на укинување на роамингот со ЕУ, засега нема конкретни образложенија, ниту од македонските власти, ниту од Брисел.
Во однос на Црна Гора и Албанија, пак, според пишувањето на „СЕЕбиз“, патувањата на корисниците на телекомуникациски услуги од ЕУ ќе бидат поповолни во однос на повиците и користењето мобилни податоци, бидејќи тие исто така ќе можат да го искористат бесплатниот роаминг таму, како што е случај во рамките на Европската унија со години.
Овој потег е дел од планот за приближување на кандидатите Албанија и Црна Гора кон членство во Европската унија и постепено намалување на трошоците за роаминг во тој регион, што трае веќе две години.
Порталот исто така пишува дека другите земји од Западен Балкан – Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија – се во процес на преговори за приклучување кон иницијативата за бесплатен роаминг.
Порталот Eunews.it, на 6 октомври напиша дека „навистина постои Декларацијата за роаминг, која има за цел да ги намали и на крајот да ги елиминира дополнителните трошоци за телефонски повици и користење на интернет кога сте во странство“.
Сепак, тоа е повеќе политички отколку техничко-правен документ, според европскиот комесар за проширување, се наведува во текстот при што се додава дека „службите на Комисијата работат на решение со цел да ги надополнат тековните договори за стабилизација и асоцијација“ меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, за да се обезбеди потребната правна рамка за проширување на областа „Движење како дома“ на ЕУ и на Западен Балкан.
Планот за раст за Западен Балкан за 2023 година е токму за таа цел, уверува Кос, да ги интегрира партнерите од Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ, „вклучувајќи го и дигиталниот единствен пазар“. (М.Ј.)






