домаСветЦрна Гора и Исланд би можеле заедно да влезат во ЕУ

Црна Гора и Исланд би можеле заедно да влезат во ЕУ

- Advertisement -spot_img

Исланд и Црна Гора би можеле истовремено да станат членки на Европската Унија, доколку граѓаните на Исланд на референдумот закажан за 29 август дадат поддршка за повторно отворање на пристапните преговори, објави „Политико“, повикувајќи се на европски претставници и дипломати.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Исланд е „посебен случај“, бидејќи веќе е дел од Европскиот економски простор и од Шенген зоната, што значително би го забрзало процесот на пристапување. Според неа, ако преговорите повторно се отворат, земјата би можела да стане членка на ЕУ во рок од една до две години.

Во меѓувреме, Црна Гора останува најнапредниот кандидат за членство меѓу државите од Западен Балкан. Земјата досега затворила повеќе од половина од 33-те преговарачки поглавја и има цел да стане членка на Унијата до 2028 година.

Според високи претставници на Европската комисија, постои можност Исланд брзо да го достигне темпото на Црна Гора, по што двете земји би можеле заедно да влезат во ЕУ. Таквиот модел би овозможил земјите членки истовремено да ги ратификуваат договорите за пристапување на двете држави.

Еден претставник на Комисијата оценил дека ваквиот пакет има логика бидејќи Исланд, како богата економија, би бил нето-уплаќач во буџетот на Европската Унија, додека Црна Гора би била меѓу најсиромашните нови членки.

Црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ изјави дека Подгорица со задоволство би ја поврзала својата кандидатура со Рејкјавик, додека исландската министерка за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир оцени дека заедничкото пристапување е „апсолутно“ возможно.

Европски дипломати сметаат дека ваквиот пристап би бил најповолно решение и би можел да помогне во обезбедување поширока поддршка меѓу земјите членки, вклучително и Франција.

Марта Кос нагласи дека Европската Унија е подготвена да биде „креативна“ во разговорите со Исланд, особено кога станува збор за чувствителните прашања како рибарството и земјоделството.

Исланд ги замрзна пристапните преговори во 2013 година поради несогласувањата со Брисел околу риболовните права. Доколку граѓаните на референдумот на 29 август дадат зелено светло за нивно обновување, а преговорите успешно завршат, ќе следува уште еден референдум на кој Исланѓаните ќе одлучуваат за конечното членство во Европската Унија.

Последните анкети покажуваат дека јавното мислење во Исланд останува поделено околу повторното отворање на преговорите со ЕУ.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img