7.8 C
Skopje
30 January, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаCтудентите на удар во 2026 година

Cтудентите на удар во 2026 година

- Advertisement -spot_img

Во 2026 година се намалува буџетот на студентскиот стандард, иако пред неколку дена беа најавени „историски инвестиции“ во областа на високото образование. Поточно, следната година, државата, односно студентите, ќе трошат за околу 30 отсто помалку пари во однос на минатата година, што претставува нов голем предизвик и за државата и за студентите.

Пишувал: Сара Танаскоска

Студентскиот стандард и оваа година останува најранливиот сегмент во македонското општество. Наместо да се вложува во младите и во иднината на државата, повторно студентите се ставени на последното место. Буџетот за студентскиот стандард се крати наместо да се зголемува, а со тоа расте и незадоволството меѓу студентската популација.

Иако студиските програми треба да ги следат светските текови и динамиката на современите програми, студентите и понатаму учат по застарени образовни модели, кои не го следат развојот на современите професии. Потоа, живеат во студентски домови со лоши услови, домови што не се реновирани со децении и не обезбедуваат ни минимум достоен стандард. Во меѓувреме, инфлацијата ја намалува реалната вредност на студентските трошоци, а институциите не преземаат чекори што би ја ублажиле оваа состојба.

Студентскиот оброк, веќе со години ја има истата цена од 140 денари, а студентските стипендии не го следат текот на инфлацијата – трошоците растат. Наместо акцентот да биде поставен на подобрување на условите, во 2025 година, во дел од факултетите сѐ уште нема интернет. Поради фактичката состојба со која се соочуваат студентите, секое кратење на буџетот претставува нов предизвик, кој ќе остави сериозни последици врз студентскиот стандард.

ПАРИ НЕМА, АМА ПОСЛЕДИЦИ ИМА

Во 2026 година, државата, односно студентите ќе трошат за околу 30 отсто помалку пари во однос на минатата година, што претставува нов голем предизвик и за државата, и за студентите. Како што беше наведено, за следната календарска година ќе има намалување од 560 милиони денари, односно планирано е да се трошат една третина помалку средства, споредено со тековната 2025 година, кога буџетот беше 1,8 милијарди денари.

Од Министерството за образование и наука не дадоа конкретен одговор на прашањето зошто е намален буџетот за 2026 година.

– Во буџетот за 2026 година, предвидени се над 1,3 милијарди денари за студентски стандард. Средствата се проектирани според пресметките за да се овозможи непречено остварување на сите студентски права што ги обезбедува МОН како стипендии, партиципација за сместување во домови и субвенциониран студентски оброк, а развојна компонента е предвидена во делот на инфраструктурата. Таму продолжува реконструкцијата на студентските домови и изградбата на ФИНКИ и ФФК, како и основање научно-технолошки парк што ќе го користат и идните академски граѓани, велат од МОН.

Дел од студентските здруженија веќе реагираат дека последиците не се гледаат само во намалената поддршка за тековната генерација, туку и во одливот на млади кадри, кои сѐ почесто ја гледаат својата иднина надвор од земјата. Инвестицијата во студентите не е трошок, туку предуслов за економски раст, иновации и стабилно општество, нешто што институциите сè уште не успеваат да го препознаат.

Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ порачува дека нема да дозволи намалување на студентскиот стандард и дека нивната борба останува насочена кон унапредување на студентските права. Програмата на новото раководство, како што велат, е токму изградена околу оваа цел.

Поради информациите што кружат во медиумите, а се однесуваат дека буџетот за студентскиот стандард за следната година се намалува за околу 7 милиони евра, УСС УКИМ иницирало состанок со претставници од Министерството за образование и наука (МОН).

– На состанокот бевме известени дека предлог-буџетот е проектиран врз основа на реалните потреби на студентите и воопшто нема да се попречи остварувањето на правата што им се на располагање преку МОН како добивање стипендии, субвенциониран студентски оброк, партиципација за сместување во студентски домови и слично. Дел од средствата се преструктурирани и наменети за капитални инвестиции, кои, исто така, ќе значат унапредување на студентскиот стандард – завршување на реконструкциите на студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“, отпочнување на реконструкција и на другите студентски домови, продолжување на изградбата на новите објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ), стои во нивното соопштение.

Директорот на Форум за образовни промени, Бленди Ходаи, пак, побара од ресорното Министерство целосно да ги прецизира буџетските ставки.

– Се надеваме како Форум за образовни промени, дека ставката за студентски стандард не е намалена поради новата мерка за електронски уреди, што сметам дека е неефикасно трошење на парите на даночните обврзници. Со толкав буџет, еден студент не може да купи квалитетен електронски уред, рече Ходаи во изјава за медиуми.

Од МОН дополнително појаснуваат дека „Доделувањето на ваучерите е мерка што ја реализираат Генералниот секретаријат и Министерството за дигитална трансформација“, со што индиректно се потврдува дека оваа ставка не треба да се поврзува со буџетот за 2026 година.

Во однос на ова прашање се огласи и подмладокот на СДСМ, од каде што оценката е дека ова е уште еден удар за студентите.

– Во буџетот за 2026 година, владата на ДПМНЕ ги намалува парите за студентскиот стандард за огромни 7,3 милиони евра, беше наведено во нивната реакција.

– Тоа значи помалку пари за стипендии, помалку пари за студентски оброци, за студентските домови. Уште поголем удар врз секој млад човек што се обидува да се образува и развива во својата земја. Во најголемиот буџет во историјата, власта нема пари за студентите! Наместо да вложуваат во младите, владата на Мицкоски им ги крати парите, им ги одзема можностите. Како намерно да сака да ги избрка од државата, стои во нивната реакција.

Според подмладокот на СДСМ, не може да има пари за папаја и манго, а да се крати на студентите.

– Не може да има пари за манго, папаја и за гоштевање на владините функционери, а да нема за младите. Студентите не се бројка во табела, тие се иднината на државата. А со вакви погрешни политики, иселувањето на младите, не само што ќе продолжи, туку ќе се засили, стои во нивното соопштение.

СЀ ПОВЕЌЕ БИЛЕТИ ЗА ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ

Студентката Моника Митреска, за „Фокус“, вели дека, од нејзина перспектива, со текот на годините условите на студентите се подобруваат и дека студентите добиваат сѐ повеќе можности за време на студирањето.

– Од моја перспектива, условите за студирање кај нас бележат континуиран напредок. Студентите добиваат сè поголем број можности и за време на студирањето и по дипломирањето, а релативно бргу може да се обезбеди вработување во струката, додава Митреска.

Меѓутоа, според студентката, има аспекти во кои допрва треба да се вложува, со цел да се подобри студентскиот стандард, како на пример инфраструктурата, достапноста до меѓународни програми и мобилности, потоа практичниот дел од наставата би требало да се зголеми.

– Сепак, сметам дека постојат неколку аспекти во кои би било корисно да се направат дополнителни промени. Најважни се унапредувањето на инфраструктурата, обезбедувањето подостапна и поквалитетна практична настава, како и зголемувањето на финансиската и институционалната поддршка за студентите. Дополнително, потребно е и пошироко отворање кон меѓународни програми и мобилности, со цел студентите да имаат повеќе практични и академски можности, додаде Митреска.

Таа истакна дека значајна улога по патот на еден студент играат и студентските организации, кои во последните години видливо постигнале големи резултати.

– Значајна улога во развојот на студентската заедница имаат и студентските организации, кои во последниве години го подигнаа студентскиот живот на значително повисоко ниво. Преку организирање различни настани, работилници, панели, забави и активности за вмрежување, тие создаваат подинамична и мотивирачка академска средина, додава Митреска.

Сепак, во последните години сме сведоци на драстично зголемување на бројот на студенти што се селат во некоја од европските земји, најчесто Словенија, во потрага по подобри услови за живот, побогати академски програми и диплома што е веднаш препознаена на пазарот на труд. Токму оваа појава е јасен доказ за проблемите во образованието, кои навидум јасно не се гледаат, односно реалната слика зошто ниту еден македонски универзитет не се најде на Шангајската листа.

Секој нов бран на иселување е приказна, која, за жал, нема само индивидуална заднина, туку силен сигнал дека во македонското високо образование треба да се направат крупни промени со цел студентите да се задржат тука.

Според Јана, која веќе три години е студентка на Факултетот за енергетика во Марибор, Словенија, условите што ги нудат европските земји не може да се споредат со тие во Македонија.

– Тука сум веќе три години и студирам на Градежен факултет. Ако ме прашате за инфраструктурата, наставата и можностите за практична работа, разликата е огромна. Се чувствувам поддржана, имам пристап до современа опрема, квалитетни лаборатории. Во Македонија, за жал, многу студенти се соочуваат со застарени програми и недоволно ресурси, што ги ограничува во нивниот развој, вели Јана.

Јасно е дека студентскиот стандард во Македонија останува сериозен предизвик и дека секое кратење на буџетот има долгорочни последици – не само врз студентите денес, туку и врз иднината на државата. Инвестицијата во младите не е трошок, туку предуслов за економски раст, иновации и стабилно општество.

Истовремено, гласот на студентите и нивните организации покажува дека решенијата постојат: подобрување на инфраструктурата, унапредување на практичната настава, проширување на меѓународните програми и мобилности, како и посилна финансиска и институционална поддршка.

Ако овие проблеми не се адресираат навреме, одливот на младите кадри ќе продолжи, а секој нов бран на иселување ќе ја осиромашува, не само академската заедница, туку и целото општество.

Идеалната политика би требало да ги става студентите на прво место – како клучниот сегмент во градењето на иднината на државата.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img