Штипскиот прволигаш Брегалница официјално го промовираше Бразилецот Матеус Да Силва Лемос како најново засилување кое доаѓа во таборот на „сините“.
Се работи за 29-годишен фудбалер, кој низ неговата кариера има настапувано за бразилските нисколигаши, а во македонскиот фудбал играше за Македонија ЃП и Вардар, иако беше пред потпис со Шкендија Арачиново, сепак Лемос доаѓа во градот под Исарот. Игра како лево крило, а може да одговори и како десно крило, што ќе биде опција за ротација за стратегот Никола Кузманов, каде во стручниот штаб со него како прв асистент ќе работи и Мијалче Прошев.
Лемос веќе е во тренажен процес со новиот тим, а како што велат од Брегалница, тој бил одлично прифатен во новата средина.
Брегалница со пораз ја започна сезоната откако загуби од шампионот Вардар во гости со 2:0, а во рамки на второто коло на домашен терен во меч под рефлектори ќе бара прв триумф како повратник во елитата против Арсими, тим кој во Штип исто така ќе ги бара првите бодови.
Александар Ванев, М-Нет






