Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе ги зголеми платите на своите вработени за 7 проценти, почнувајќи од месец март, по потпишувањето на поединечниот колективен договор со Синдикатот на администрацијата и државната управа.

Договорот официјално го потпишаа министерката Сања Божиновска и претседателот на САДУ, Благоја Ралповски, со што, како што посочуваат од Министерството, се прави конкретен чекор кон подобрување на статусот и условите за работа на административните службеници.
Според Божиновска, овој договор претставува јасна потврда за институционалната определба за вреднување на трудот, професионалноста и посветеноста на вработените.
„Вложувањето во човечкиот капитал е клучен предуслов за силна, ефикасна и одговорна институција. Задоволни и мотивирани вработени значат подобри политики, постабилен систем и посигурна енергетска иднина“, наведуваат од Министерството.
Од таму додаваат дека со овој чекор се испраќа порака дека администрацијата не е само сервис, туку клучен столб во креирањето и спроведувањето на јавните политики.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со активности насочени кон изградба на функционална, модерна и ефикасна администрација, која ќе може да одговори на сите предизвици и да испорачува резултати во интерес на граѓаните.








