Министерството за енергетика оствари средба со раководството на ЕВН, на која се разговараше за тековните состојби во енергетскиот систем, заштитата на потрошувачите и потребата од понатамошно зајакнување и модернизација на дистрибутивната мрежа.

На состанокот присуствуваа Претседателката на Надзорниот одбор на ЕВН, Александра Витман, и Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер. Разговорот беше оценет како конструктивен и фокусиран на заедничките предизвици и можности за подобрување на квалитетот и сигурноста во снабдувањето со електрична енергија.

„Стабилно и одржливо снабдување со електрична енергија е заедничка цел – во интерес на граѓаните и стопанството,“ беше потенцирано на средбата.
Меѓу темите беа и предизвиците со кои се соочува европскиот енергетски сектор, имплементацијата на новиот Закон за енергетика во Македонија и значењето на редовниот дијалог со енергетските партнери.
Министерството нагласи дека заедничката одговорност во обликувањето на одржлива и безбедна енергетска иднина останува приоритет, а ЕВН има клучна улога во обезбедување сигурна и модерна енергетска инфраструктура.









