Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска одржа работна средба со британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, на која присуствуваа и претставници на глобалната рударска корпорација „Англо Американ“, како и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции при Амбасадата на Обединетото Кралство.
Средбата беше дел од активностите на Министерството насочени кон јакнење на меѓународната соработка во областа на енергетиката и рударството, со акцент на примена на современи и еколошки стандарди во искористувањето на природните ресурси.

Божиновска нагласи дека Владата останува посветена на развивање транспарентен, безбеден и еколошки одржлив рударски сектор, во согласност со европските и светските регулативи. Таа истакна дека е од суштинско значење да се воспостават јасни рамки за заштита на животната средина, при што инвеститорите ќе бидат мотивирани да применуваат иновативни технологии кои овозможуваат ефикасно и одговорно искористување на минералните богатства.
„Соработката со меѓународни партнери како Велика Британија и компании со глобално искуство во рударството е од огромна важност. Таквите контакти ни овозможуваат размена на знаење, искуства и пристап до современи технологии, што е предуслов за модерен и конкурентен рударски сектор“, истакна министерката Божиновска.
Од своја страна, амбасадорот Лосон ја поздрави отвореноста на Министерството за продлабочување на економските односи и потенцираше дека британските компании гледаат потенцијал за инвестирање во Македонија, особено во секторите каде што се спојуваат енергетиката, иновациите и заштитата на животната средина.
Претставниците на „Англо Американ“, една од најголемите светски рударски корпорации, истакнаа дека нивната стратегија се темели на „одговорно рударство“ – пристап што ги минимизира влијанијата врз околината и ја зајакнува соработката со локалните заедници.
На крајот од средбата беше договорено да се разгледаат конкретни модели на техничка соработка, експертски размени и потенцијални инвестиции, со цел подобрување на инфраструктурата, дигитализација на процесите и воведување на нови технологии во македонскиот рударски сектор.
Со оваа средба, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини уште еднаш потврди дека отворената и одговорна енергетска политика останува еден од клучните приоритети на Владата – насочена кон одржлив раст, зелена транзиција и долгорочна економска стабилност.






