По повод одбележувањето на 20 години постоење на МЕПСО, беше истакната клучната улога на преносниот систем во стабилноста и безбедноста на електроенергетскиот сектор во државата.

На настанот, Сања Божиновска со почит ја прими благодарницата како признание за партнерството со МЕПСО, нагласувајќи дека најголемото достигнување на еден преносен оператор е кога системот функционира тивко, сигурно и без прекини.
„Зад таа тишина стојат генерации инженери, диспечери и техничари кои 24 часа дневно, без пауза, го одржуваат балансот на електроенергетскиот систем на државата“, истакна Божиновска.
Таа нагласи дека преносната мрежа претставува еден од клучните столбови на државниот суверенитет и дека без силна и стабилна инфраструктура не може да се реализира зелената транзиција, интеграцијата на нови обновливи извори, ниту европската интеграција во енергетиката.
„Инвестициите, модернизацијата и дигитализацијата на МЕПСО се наш стратешки приоритет“, порача Божиновска, додавајќи дека континуираниот развој на преносната мрежа е предуслов за сигурен, одржлив и конкурентен енергетски систем.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот беше упатена благодарност до сите вработени и поранешни генерации кои две децении ја чуваат стабилноста и хармонијата на електроенергетскиот систем.







