Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска официјално ја отвори 4-та Годишна Соларна Конференција, настан кој ги обединува компаниите, институциите и меѓународните партнери со заедничка цел – одржлива иднина и енергетска независност преку сончевата енергија.

Во своето обраќање, Божиновска нагласи дека Министерството работи на низа стратешки документи и законски решенија кои ќе го забрзаат зеленото енергетско преминување, меѓу кои:

нов Закон за обновливи извори на енергија – прв од овој вид во земјата,
годишен план за развој на енергетскиот систем,
Грид Мастер План за модерна и стабилна мрежа,
воведување обврска за складирање енергија преку батериски системи,
поддршка за инвестиции и јасни правила за пазарот.
„Нашата цел е да изградиме модерен, паметен и дигитализиран енергетски систем кој ќе гарантира стабилност, сигурност и чиста енергија за идните генерации,“ истакна министерката.
Таа додаде дека оваа трансформација е можно да се постигне само преку соработка меѓу државата и компаниите, со одговорни инвестиции, современи технологии и заедничка зелена визија.









