Пакет-законите за високо образование ќе поминат во Собранието само ако министерката за образование Весна Јаневска ги прифати повеќето од амандманите поднесени од ДУИ, велат за „Слободен печат“ од пратеничката група на ДУИ. Јаневска апелираше да не се кочат трите закони и албанскиот опозициски блок да не го злоупотребува Бадентеровиот принцип за политички цели. Од ДУИ се децидни дека станува збор за суштински амандмани и доколку тие не станат составен дел од законите, ќе го нема ни потребното Бадентерово мнозинство за да поминат законските измени.
Станува збор за овие три закони – за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование. Власта нема Бадентерово мнозинство без гласовите на ДУИ, на Алијанса за Албанците и на Албанска лига, кои за пакет законите најавија околу 200 амандмани. Законите засега немаат поддршка ниту од СДСМ кој исто така најави амандмани.
– Пратеничката група на ДУИ ќе поднесе 35 амандмани. Ако министерката не ги прифати повеќето од амандманите, нема да гласаме за пакет-законите за високо образование. Според досегашниот настап на Јаневска, впечаток е дека кај министерката нема расположение да ги прифати амандманите. Не станува збор за политичка блокада, односно дека од политички причине нема да обезбедиме Бадентерово мнозинство, бидејќи имаме клучни забелешки за законите, а амандманите се суштински и се подготвени од комисиите на универзитетите. Не веруваме ни дека нешто ќе смени и јавната расправа за законите, ако таа воопшто се одржи – велат од ДУИ.
И Халил Снопче од Алијанса за Албанците вели дека нема да обезбедат Бадентерово мнозинство со нивните гласови ако не бидат прифатени клучните амандмани. Алијанса ќе поднесе повеќе од 100 амандмани за пакет-законите за високо образование.
Министерката вчера изјави дека очекува што е можно побрзо да се изнајде решение за носење на пакетот од три закони за високото образование кои во моментов се блокирани во собраниска процедура поради необезбедено Бадентерово мнозинство.
Јаневска порача дека со задоволство прифаќа да дискутира на уште една јавна расправа во Собранието за да се усвојат овие законски измени и потенцира дека „секој изгубен ден е изгубен ден за младите луѓе во оваа држава“.
Според Јаневска, предложените закони воопшто не засегаат прашања поврзани со правичната застапеност.
– Да, за носење закони за образование треба Бадентер, она што е постоечко и тој е како алатка за заштита на правата, на пример, за заштита на учењето на мајчин јазик. Овие три закони воопшто не влегуваат во таков некаков проблем. Овде зборуваме за мериторни елементи, за организација на високото образование, за квалитетот на професорите, за повеќе практична работа при студиите. Значи, некои елементи кои мора да ги има државата ако сакаме да имаме одржливо високо образование и квалитетен кадар и луѓе кои во иднина треба да ја водат и чуваат оваа држава – рече Јаневска.
Министерката посочи дека Бадентер бил злоупотребуван во минатото и истакна дека Владата работи на подобар закон за правична застапеност.
Според Јаневска, законите се подготвувале преку долготрајна и транспарентна постапка со академската заедница.
– Законот помина долготрајна и многу транспарентна постапка во која работната група на Министерството прифати многу, многу забелешки на академската заедница. Секогаш ќе има еден помал дел кој ќе биде незадоволен од нешто, но мноштвото од академската заедница го прифати законот таков каков што е. Немаме ништо против во Собранието и натаму многу да дискутираме, но треба да почнеме да дискутираме. Многу да дискутираме за секој член поединечно, со тоа што Владата има право на своја владина политика. Она што законите го бараат не е на штета на никого, туку е во корист на младите луѓе и во корист на наставниот кадар. Ако Бадентерот го користиме како алатка за постигнување политички решенија, сметам дека не е во ред и тоа токму преку образование, не таму каде што треба – рече Јаневска.
Албанскиот опозициски блок преку процедурални забелешки ја блокира расправата за законите за високо образование. Поради блокадата владејачкото мнозинство засега не успева ниту да ја изгласа потребата за носење на законите.






