Несекојдневен инцидент се случил рано утринава во Штип. Багер неовластено урнал дел од куќа на улицата Димо Хаџи Димов, додека внатре спиеле двајца браќа. Пред камерата на 24, 44 годишниот штипјанец, Џенгис Сефери раскажува дека багерот со својата корпа двапати удрил во ѕидот од куќата, за која тврди дека објектот е легален и дека не станува збор за дивоградба, притоа предизвикувајќи оштетување на дел од објектот и вознемиреност кај сите соседи.
Сефери посочува дека статиката на и онака старата куќа сега е дополнително нарушена и дека тој и неговиот брат не се чувствуваат ниту сигурни ниту пак безбедни за да продолжат да живеат таму. Тој се сомнева дека целиот инцидент е со некаква намера.
ТВ 24 контактираше и со општина Штип, од каде пак демантираат дека сопственик на посочениот објект е Џенгис.
Општина Штип: Локалната самоуправа веднаш испрати неколку инспектори на лице место. После нивниот увид и на основа на добиените документи од Агенција за катастар, се утврди дека посочениот објект нема сопственик и лицето кое дава изјава пред медиумите, воопшто не располага со документ за негово право на сопственост или користење.
Во обид да дознаеме дали багерот е можеби во сопственост на Јавното Претпријатие “Стипион”, контактиравме и со директорот Панче Стефановски, кој во телефонски разговор кратко ни посочи дека не е целосно запознат со случајот и дека поради тоа не може ниту да негира ниту да потврди. Инаку, настанот го потврдија и од МВР, од каде пак велат дека СВР-Штип презема мерки за откривање на сторителот и расчистување на случајот.






